23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Царовска: Се интензивираат активностите на мобилните тимови, идентификувани 167 деца на улица

167 деца меѓу кои 18 бебиња се идентификувани на неколку пофрекфентни крстосници во Скопје изминатите две недели од страна на 6 мобилни тимови. Најчестите активности во кои децата се вклучени, е улична работа, вклучително и продавање на мали предмети, чистење на стакла, и питачење. Поголемиот дел од нив се без документи и не се вклучени во образовниот процес.

Ова се дел од податоците коишто зајакнатите мобилни тимови за постапување со деца на улица на ЦСР Скопје денеска ги презентираа на работен состанок со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и претставници од Црвен Крст на град Скопје.

“Единствен начин да ги детектираме и да почнеме да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат децата на улица е да работиме одблизу со нив и нивните семејства, да им овозможиме континуирана помош и поддршка. Токму затоа, ги јакнеме мобилните тимови на Центарот за социјални работи кои веќе почнаа со мапирањето на најфрекфентните локации каде што има деца коишто питачат. Тие, исто така, ќе им помагаат на полнолетните да најдат работа и ќе ги насочуваат да се вклучат во мерките за доквалификација и прекфалификација кои ги нудиме”, изјави министерката Царовска.

Царовска уште еднаш потсети на важноста на социјалната реформа којашто се уште е во собраниска процедура. Со оваа реформа се извлекуваат најранливите од сиромаштија и истата значи за 20 пати поголем опфат на деца во користењето на детскиот и образовниот додаток и намалување на детската сиромаштија, но и овозможување безгрижно детство, детство кое е целосно ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба и вклучување на децата во образовниот процес.

“Првичните наоди од теренските истражувања потврдуваат дека децата на улица често се жртви на повеќе негативни искуства, вклучувајќи физичко и психичко малтретирање и занемарување. Тие ја зајакнуваат потребата од системски решенија, бидејќи многу од овие деца го пропуштаат правото на образование, здравје и заштита,” рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. “Како луѓе, тешко е да се воздржиме од тоа да даваме пари или да купуваме производи од децата на улица. Но, треба да бидеме свесни дека ако го сториме тоа, овозможуваме средина што им штети на децата. На децата на улица им е потребна системска поддршка, прво и основно за да се спречи тие воопшто да завршат на улица”.