Владата предводена од СДСМ реализираше серија мерки со кои се намалија трошоците и сè повеќе пари завршуваат назад кај граѓаните. Од почетокот на новата грејна сезона граѓаните ќе добиваат помали сметки за парно греење согласно одлуката за намалување на ДДВ-то за испорака на топлинска енергија од 18 на 5%, соопшти СДСМ.
Според партијата, тоа значи дека секое семејство приклучено на централното парно греење со стан со просечна квадратура ќе добива пониска сметка за околу 220 денари месечно, што е годишна заштеда од над 2.600 денари.
„Истовремено, беше донесена одлука граѓаните кои се исклучени од системот за парно греење во Скопје повеќе да не плаќаат фиксен надоместок за парно како досега. Со тоа се исправа долгогодишната неправда кон околу 12.000 семејства во Скопје исклучени од централното греење, а кои со години плаќаа месечен надоместок без разлика што не ја користеа услугата.
Со воведувањето евтина тарифа на струјата сметките се намалени, граѓаните заштедуваат 11.4 милиони евра на годишно ниво. Со укинувањето на радиодифузната такса се обезбедува заштеда од нови 190 денари месечено во секое семејство.Драстично се намалени казните за фирмите, а глобите за физичките лица се намалени за 75 отсто.
Трошоците за нотари, извршители се намачени за 50% до 90%, а услугите на Катастарот за недвижнини се намалени до 50%.Ова се само дел од мерките што обезбедуваат намалени трошоци за живот и повеќе пари кај домаќинствата. Како одговорна партија, СДСМ останува посветена на мерките што обезбедуваат економски раст, намалени трошоци и повеќе пари во секое семејство, кај секој граѓанин, се додава во соопштението.