Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Хакиран „Ватсап“, корисниците без можност за одбрана

Шпионски софтвер изработен од страна на вешти хакери успеал да погоди голем број мобилни телефони преку популарната комуникациска платформа „Ватсап“ и тоа без интервенција на корисниците, преку гласовните повици во апликацијата.

Весникот „Фајненшл тајмс“ ја идентификува израелската група НСО како можен извршител на нападот.

Шпионскиот софтвер на НСО е повеќе пати откриен при хакирање на уреди на новинари, адвокати, заштитници на човековите права и дисиденти.

Софтверот успеал да навлезе во телефоните преку пропуштени повици во рамки на функцијата за гласовно бирање на апликацијата, соопшти портпаролот на „Ватсап“ и рече дека со софтверот, откриен на почетокот на мај, заразени се непознат број на уреди.

Се тврди дека корисниците не можеле да направат ништо во своја одбрана, а според зборовите на експертите, единствен начин на заштита во овој случај е апликацијата „Ватсап“ воопшто да не била инсталирана на телефонот на корисникот.

Како значајна ситуација во врска со овој случај се истакнува тоа што софтверот е вплеткан и во убиството на саудискиот новинар, Џамал ​​Кашоги, кој беше убиен минатата година во саудискиот конзулат во Истанбул.