Претседателите на Србија, Бугарија, Албанија и Косово го потврдија своето присуство на инаугурацијата на Стево Пендаровски кој од утре формално ќе ја презеде функцијата претседател на Република Северна Македонија.
Александар Вучиќ, Румен Радев, Илир Мета и Хашим Тачи ќе ја следат инаугурацијата во собраниската сала, каде ќе пристигнат и претставници од уште неколку земји од регионот и Европа.
Како што јавија од собраниската прес-служба, своето присуство го потврдиле и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ со сопругата Анета Спаиќ, министерот за надворешни работи на Грција, Георгиос Катроугалос и заменик-министерот за надворешни работи Мациеј Ланг. Од Словенија ќе допатува висок претставник на кабинетот на претседателот Борут Пахор, а од Турција заменик министерот за надворешни работи, Фарук Кајмакчи.
Собранието јави дека ќе присуствуваат и претставници од дипломатскиот кор.
Пендаровски утре напладне ќе даде свечена изјава во Собранието, а потоа ќе замине во претседателската вила на Водно.