24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски во тридневна официјална посета на Чешка

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, од денеска престојува во тридневна официјална посета на Република Чешка. Во рамките на посетата министерот ќе има работна средба со чешкиот министер за земјоделство, Мирослав Томан, со кого ќе разговараат за заедничката соработка на двете држави во секторот земјоделство и храна, вклучително и бизнис-секторот, како и за пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. На средбата е предвидено потпишување декларација за намера помеѓу Република Чешка и Република Северна Македонија.

Со декларацијата е предвидена заемна соработка на двете држави во делот на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи, размена на искуства во областа на здравјето на растенијата и фитосанитарната политика, шумарската политика, лозарството, производството на вино, консолидацијата на земјоделско земјиште, соработка во евроинтегративните процеси во земјоделските и руралните сектори, како и шумарството, рибарството и аквакултурата и друго.

Во рамките на посетата Николовски ќе присуствува и на националниот саем за сточарство, што се одржува во Брно, Р. Чешка, придружуван од делегација од МЗШВ и од пет македонски компании од агросекторот. Во рамките на саемот се предвидени Б2Б-средби на македонските компании од млечната и месната индустрија со чешките компании од областа на земјоделството со цел воспоставување на бизнис-соработка, размена на искуства во делот на сточарството и млекарството, како и зголемување на трговската размена.

Министерот Николовски, во склоп на официјалната посета на Р. Чешка, ќе посети чешка компанија за производство на трактори и компанија за производство на биогас.

Од Министерството за земјоделство велат дека со Република Чешка првпат се потпишува документ за соработка во областа на земјоделството, што претставува позитивен импулс во унапредување на заемната соработка.

„Како што беше потврдено на втората седница на Мешовитиот комитет за економска соработка меѓу РСМ и Чешката Република, земјоделството е еден од приоритетните сектори на кој треба да се посвети внимание бидејќи Чешка увезува значителна количина земјоделски производи и преработки и тоа претставува можност за пласман на македонските земјоделски производи и зголемување на македонскиот извоз на чешкиот пазар“, велат од Министерството.