23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Деветтиот филозофски филмски фестивал отворен со „Небото над Берлин“

Вчеравечер во Кинотеката на Северна Македонија со култниот „Небо над Берлин“ свечено беше отворен 9. Филозофски филмски фестивал.

На почетокот публиката во Кинотеката го слушна и виде маестралниот медитативен аудиовизуелен перформанс на Post Global Trio (Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски). Директорката на Фестивалот, Ана Дишлиеска-Митова, го прогласи Фестивалот за отворен со укажување на „способноста или одговорноста на филмот, но и на филозофијата, да ги покажат работите онакви како што се, но и да го спасат нивното постоење“. Специјален гостин на вечерта беше раководителот на Музејот на Југословенската кинотека во Белград, Марјан Вујовиќ, кој по проекцијата на Вендерсовото ремек-дело, говореше на тема: „Патувањето како потрага по нашиот идентитет“ по што следуваше интересна отворена дискусија со присутната публика. За голема радост на почитувачите на делото на Вендерс, „Небото над Берлин“ го означи само почетокот на ретроспективата, во чии рамки ќе бидат прикажани уште четири филма кон крајот на месецот (27-30 мај).

Ретроспективата на Вим Вендерс се организира во соработка со Гете-институтот Скопје и е инспирана од книгата „Замислување на мирот: дијалог за перцепцијата“ (од Вим Вендерс и Мери Зурнази), чиј македонски превод во издание на Филозофското друштво на Македонија ќе излезе по Фестивалот.

Денес, на вториот ден од Фестивалот, публиката во Кинотеката на Северна Македонија ќе може да ужива во три настани. Најпрвин во 18.30 часот, во делот од ревијалната програма „Филм – филозофија“, ќе биде прикажан унгарскиот добитник на „Златната мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал во 2017 година, „За телото и душата“ од Илдико Ењеди. Филмот ја тематизира ониричната средба на двајца интроверти, односно необичниот феномен на споделување ист сон и сите метафизички и практички последици од тоа. Можно ли е тоа да е знак на неочекувана среќа или е само активатор на исконскиот страв од опскурното? По проекцијата за филмот, публиката на дијалог ќе ја поттикне академик Катица Ќулавкова со своето проседе: „Интимната комуникација меѓу телото и душата“.

Во 21.30 ќе биде прикажан првиот филм од компетитивната програма за долгометражни филмови, годинешниот грузиски кандидат за „Оскар“, „Наме“, од Заза Калваши. Филмот претставува лирска приказна за конфликтот меѓу традиционалното и модерното, митолошкото и рационалното, испредена среде чудото на водата. Во ракописот на Калваши е видливо едно креативно ехо на великиот Тарковски и неговиот медитативен мистицизам. Најтопли препораки за тивко силниот „Наме“.

Денот во Кинотеката ќе заврши со филозофски медитации, односно со аудиовизуелниот перформанс на Post Global Trio (23.15). Вчерашното патување на тројцата креативци на отворањето на Фестивалот низ далечни предели и суптилни звучни сцени и пејзажи, вечерва ќе продолжи по врволиците на потрагата по себеси зад заборавот, што ни го ујдисува модерниот ритам на живеење. Неопходен е излез зад хоризонтот на познатото за да се пронајдеме во напознатото! Post Global Trio, едноставно, е искуство што не смее да се пропушти.