„Гугл“ во четвртокот рече дека законо против лажни вести усвоен од парламентот на Сингапур би можел да им наштети на иновациите, нешто кон што градот-држава се стреми како дел од своите планови за проширување на својата технолошка индустрија.
Парламентот на Сингапур во средата го усвои Законот за превенција од интернет лаги и манипулации, закон критикуван од групите за права, новинарите и техничките фирми поради стравувањата дека истиот би можел да се искористи за да се спречи слободата на говорот.
Донесувањето на законот доаѓа во време кога Сингапур вложува напори да се позиционира како регионален центар за дигитални иновации. Според „Гугл“ законот може да ги попречи овие напори.
„Загрижени сме дека овој закон ќе им наштети на иновациите и растот на дигиталниот информативен екосистем“, соопшти компанијата. „Важно е како се спроведува законот и посветени сме на соработката со креаторите на политиките за овој процес“.
Законот ќе бара онлајн медиумските платформи да прават корекции или да ги отстранат содржините што владата ги смета за лажни, со затворски казни за сторителите до 10 години или со парични казни од над половина милион евра.
Министерот за правда рече дека законот нема да влијае на слободата на говорот. Сингапур вели дека е подложен на лажни вести поради својата позиција како глобален финансиски центар, мешаното етничко и верско население и широко распространетиот пристап до интернет.