23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Меркел и Макрон на Самитот за Западен Балкан во Берлин: Регионот е наша одговорност, поттикнуваме решавање на отворените прашања според примерот на Северна Македонија и Грција

Канцеларката на Сојузна Република Германија Ангела Меркел и Претседателот на Република Франција Емануел Макрон денеска ги пречекаа шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан, плус Словенија и Хрватска, на состанокот посветен на регионот, на кој присуствува и делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев.

Веднаш после церемонијата на пречекот, канцеларката на СР Германија Меркел и Претседателот на Франција Макрон, заради големиот интерес на медиумската јавноста, одржаа прес конференција на која ги соопштија причините за свикување на овој Самит за Западен Балкан во Берлин.

Канцеларката Меркел и Претседателот Макрон, како лидери на двете највлијателни земји членки на ЕУ истакнаа дека Германија и Франција ја делат одговорноста за Западен Балкан и нагласија дека во интерес на двете земји е да го поттикнат позитивниот развој на процесите во регионот, како европски интерес.

Како пример дека е тоа можно канцеларката на СР Германија Меркел и Претседателот на Франција Макрон ја истакнаа Република Северна Македонија и Договорот од Преспа со кој беше решен спор со Грција што ги откочи евро-атлантските процеси во земјата и стана модел за решавање на отворени прашања.

Лидерите на СР Германија и Франција изразија надеж дека ќе се најде решение за блокадата на дијалогот меѓу Белград и Приштина, и дека двете земји ќе стигнат до заеднички прифатливи одговори на сите отворени прашања.

На прес конференцијата посебен акцент беше ставен на економската соработка меѓу земјите од регионот, како и на инфраструктурното поврзување. Беше нагласено дека се очекуваат поголеми придобивки од Берлинскиот процес и во делот на соработката на безбедносните прашања и во борбата против финансискиот криминал.