22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Невладините од Западен Балкан ја повикаа ЕУ да не го одложува почетокот на преговорите со Скопје и Тирана

Повеќе од 80 невладини организации од Западен Балкан упатија петиција до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во која телото на ЕУ се повикува да не го одложува почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во Унијата.

Во петицијата, како што пренесе новинската агенција „Бета“, се изразува загиженост дека одложувањето би можело негативно да влијае на проевропскиот став на жителите на целиот регион, на кредибилитетот на Европската Унија и да ги обесхрабри политичките елити во регионот при решавањето на други важни билатерални спорови.

„Невладините организации од Западен Балкан изразуваат надеж и очекување на Европскиот совет ќе ги исполни очекувањата за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во јуни“, се наведува во петицијата.

Невладините сметаат дека добрососедските односи се едни од клучните фактори за консолидација на Западен Балкан и неговата брза интеграција во ЕУ, се вели во петицијата.

„Високо ги цениме храброста и упорноста на лидерите на Северна Македонија и Грција и примерот за решавање на отворените билатерални прашања кој го поставија. Веруваме дека тоа ќе придонесе кон решавањето на други спорови во регионот и ќе донесе стабилност и европска иднина за сите нас“, се наведува во петицијата.

Петицијата ја потпишале 85 невладини организации, меѓу кои Европското движење во Србија, во Црна Гора и во Северна Македонија, Фондацијата Отворено општетство од Србија и Албанија, Иницијативата млади за човекови права од Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Белградскиот центар за човекови права, Белградскиот центар за безбедносна политика, Центарот за европска политика.