Во Македонскиот народен театар во тек се подготовките на современата комедија #ТикTак, која се поставува по мотивите на филмското остварување „TOC TOC“ на францускиот писател Лорен Бафи и шпанскиот режисер Висенте Виљануева, а со адаптација и во режија на Синиша Евтимов.
Преводот на текстот, чиј наслов значи „Trastorno Obsesivo Compulsivo“ (опсесивно-компулсивно нарушување), го направи Благоја Бошковски.
Во претставата играат Јордан Симонов, Александар Микиќ, Николина Кујача, Оливер Митковски, Сашка Димитровска, Тања Кочовска и Александар Михајловски.
Во авторската екипа за реализација на претставата се сценографката Илина Ангеловска и костимографот Александар Ношпал. Извршен продуцент е Виктор Рубен, инспициент е Никола Кимовски, а суфлер е Тања Ивановска.
Премиерата на #ТикTак, МНТ ја најавува за 16 мај на малата сцена.
Поради експлицитните реплики кои се употребени во текстот, претставата е наменета за возрасна категорија на гледачи (+18).