Гласањето за претседателските избори денеска и на 5 мај ќе го следат 3.094 се домашни набљудувачи, а 419 од странство. Најмногу домашни набљудувачи ќе има невладината МОСТ, вкупно 1.940 набљудувачи. Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција „Мак-сонце“ ќе учествува со 583 набљудувачи. Трето според број на набљудувачи е Здружението на граѓани за развој и промоција на туризмот, одржлив развој и човекови права „Аксиос“ со 329 набљудувачи.
На листата на акредитирани набљудувачи е Здружение на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје со 160 набљудувачи, но и Светскиот македонски конгрес Скопје со 59 набљудувачи.
Во мониторингот се вклучува и кумановското здружение „Инклузива” со 44 набљудувачи, од кои 40 се лица со попреченост.
ОБСЕ/ОДИХР има пријавено 195 набљудувачи и 187 преведувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ ќе има двајца свои набљудувачи, а Парламентарното собрание на Советот на Европа 12. Од амбасадите најмногу акредитирани набљудувачи има американската амбасада-42 и 63 преведувачи, руската амбасада има четворица набњудувачи, а унгарската младинска политичка организација „Фиделитас“ шест набљудувачи.
За следење на изборите се акредитирани 13 странски новинари.