23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Кирацовски: Сите да покажеме зрелост и одговорност, успех за државата е да имаме фер, слободни и кристално чисти избори

– Најпрво сакам да изразам благодарност до Државната изборна комисија за овој демократски, проевропски чин, сите ние заедно на едно место, на една маса да можеме да испратиме апел до сите граѓани до сите политички чинители, до медиумите, до сите оние кои што значат за време на изборниот процес една силна порака за фер, регуларни и кристално чисти избори, рече Александар Кирацовски од СДСМ.

– Ние како парламентарно мнозинство или условно кажано, како влада која што ги спроведува овие избори, сме малку повеќе одговорни од останатите политички чинители и тука се сложувам со сите останати дека сме поодговорни, но сите политички чинители имаат одредена одговорност и затоа сакам да ги повикам буквално сите политички партии, шефовите на изборните штабови, членството на нашите политички партии, сите заедно да покажеме една висока демократска зрелост, политичка свест и заедно да овозможиме граѓаните на мирни, слободни, фер избори слободно да ја изразат својата волја.

Овие избори, морам да истакнам, дека до сега, на неколку дена пред изборниот ден, поминаа во една мирна, во една спокојна атмосфера и преку една принципиелна кампања во рамките на принципиелноста од сите политички чинители, спроведовме кампања која што доликува на европските принципи за водење на политичка кампања, особено за овие претседателски избори.

Сакам да истакнам дека институциите на системот, согласно информациите што ги имам, верувам дека ги имаат и останатите политички партии и Државната изборна комисија се комплетно подготвени да овозможат слободен, фер, регуларен изборен процес и изборен ден.

Овие избори не се само избори за избор на претседател, туку преку овие избори сите ќе покажеме и треба да покажеме демократска зрелост и ќе потврдиме дека сме достојни на овој пат на кој што заедно сме тргнале кон евроатланските интеграции, нормално за многу скоро и идна земја членка на НАТО алијансата, вели Кирацовски.