Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, денеска, имаше средба со тимот ученици од земјата што ја креираа иновативната мобилна апликација SpeakOut за поддршка на жртвите од врсничко насилство, а за што од страна на УНИЦЕФ добија награда – менторска поддршка и 20.000 американски долари за дополнителен развој, имплементација и промоција на нивната иницијатива.
„Министерството, државата и јас како министер исклучително се гордеам со вас. Како млади и бистри умови вие покажавте дека имате идеи и енергија да создадете подобар свет за себе и за сите нас. И како индивидуи и како тим покажавте дека може да се направат крупни промени што ќе го придвижат не само нашето општество туку и воопшто светот“, рече Адеми пред учениците што се натпреваруваа со име „АндроМета“,додавајќи дека државата заедно со сите општествени фактори, како и со УНИЦЕФ, ќе продолжи да ги поддржува младите таленти и да инвестира во надградба на нивното знаење, креативност и иновативност.
SpeakOut е мобилна апликација која има цел да ги мотивира младите анонимно да побараат помош и/или да им дадат поддршка на своите врсници. На младите, кои евентуално би ја користеле, апликацијата им нуди две опции за добивање помош – јавно да објават и да добијат помош од другите членови во заедницата или да разговараат со волонтер, приватно, еден на еден.
Во рамките на младинскиот предизвик Genration Unlimited се вклучија повеќе од 800 иноватори од 16 земји. Петте победнички тимови, меѓу кои и тимот од Северна Македонија, составен од Александра Поповска – 18 години, Дарио Стојанов – 16 години, Матеј Плавевски – 16 години, Амра Личина – 17 години и Данче Петрушевска – 18 години, беа претставени минатата недела во Њујорк.