22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Отворена постапка против тројца малолетници за насилство по ракометен натпревар

Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против едно 19-годишно лице, како и против тројца малолетници на возраст од 17 години, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело насилство од член 386, став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 11 февруари, по завршување на ракометен натпревар во спортската сала „Антон Димитров“, пријавените во група извршиле грубо насилство врз четворица играчи на еден ракометен клуб, родени 2001 година. Тие ги следеле ракометарите до автобуската станица кај Трговскиот центар „Бутел“. Притоа, без причина, се нафрлиле најпрвин врз еден, а потоа и врз другите оштетени, удирајќи ги по главата и телото со метални шипки, тупаници и клоци и нанесувајќи им повреди по главата и телото.

На 2 април полнолетниот пријавен со уште двајца од малолетните пријавени, во близина на СМУГС „Панче Караѓозов“, извршил уште едно кривично дело насилство. Тие почнале грубо да малтретираат и физички нападнале две лица на возраст од 17 и 18 години удирајќи ги со тупаници и клоци, како и со тврди предмети. На овој начин на оштетените им нанеле повреди во пределот на главата и телото, а кај другите присутни предизвикале чувство на страв и несигурност.
Во кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи е наведено дека постојат индиции дека осомничените го сториле кривичното дело од омраза, што ќе биде предмет на утврдување во текот на кривичната постапка.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост против полнолетниот осомничен, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска да се јавува повремено кај надлежен орган, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетените во двата настана. Постапката за пријавените малолетници е издвоена и за нив до судот ќе биде поднесено барање за поведување подготвителна постапка.