Немојте да ги бојкотирате изборите, ќе останеме надвор, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска, на денешниот митинг во Неготино.
„Однадвор не се решаваат проблемите, но внатре, двете глави, претседателската и онаа премиерската, и онаа на новата Влада, ќе се справат со она што го наследивме со она што се срамиме на правен начин, а не со сила“, рече Силјановска-Давкова.
Таа истакна дека победата на претседателските избори значи отворање на демократските порти за нова парламентарна коалиција, која ќе биде создадена врз основа на предвремени парламентарни избори.
Силјановска во својот говор се осврна и на химната. Рече дека не верува во објаснувањето дека химната за време на посетата на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, не била интонирана поради доцнењето на авионот. Според Силјановска, власта се плаши да ја испее химната.
„Се лажат ако мислат дека со заборавот да ја интонираат химната, која е основниот симбол на Република Македонија, дека ќе му удоволат на гостинот од Грција, не, никој не ги почитува оние што не се почитуваат себе си, никој не ги почитува оние што забораваат да бидат патриоти, чуен грчкиот патриотизам, ама глеткава овде зборува и за македонски патриотизам“, рече Силјановска.
Кандидатката за претседател додаде дека како претседател секогаш ќе ги почитува Уставот и законите, ветото ќе го употребува за да манифестира авторитет и посветеност, а не сила. Силјановска вети дека би била модератор на граѓанските, а не на политичките и партиските интереси.