23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Подготвен сум за селфи и со Мицкоски, но нема доблест да се откаже од криминалите на Груевски

Секаде подадовме рака, со сите станавме пријатели, само дома на подадена рака не се подава рака, поради политикантство, поради пуста власт, е нема тоа да се случи, крвавевме за тоа да не се случи. Патот не е лесен, политичкиот противник калкулира со политички поени. Спремни сме и понатаму да подаваме рака, спремен сум да останам со подадена рака и кон опозицијата затоа што нема друг концепт, освен НАТО, ЕУ, реформи, економски раст, економски стандар, живот доаѓа овде кај нас. Спремен сум дури и селфи со Мицкоски да направам само рака да подаде, но тој нема капацитет, рече премиерот Зоран Заев на денешната промотивна конвенција на кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски.

„Веруваме во мултиетничка држава затоа што партиите постојат за народот и државата. Затоа, ако Мицкоски се откаже од политиките на својот претходник Груевски, ќе подадам рака, но нема доблест да се откаже од ниту едно криминално дело од минатото. Дури и нивната кандидатка ја задоиле со тоа, нема иднина. Затоа изборот е јасен, Стево Пендаровски ќе биде идниот претседател“, рече Заев.

Премиерот на Северна Република Македонија изјави дека опонентите немаат што да понудат во изборната кампања затоа што вистинскиот концепт е патот што актуелната Влада го трасира, а тоа се НАТО и Европската Унија.

„Не постои друг концепт и затоа нашите опоненти не нудат ништо, нема што да понудат пред граѓаните, затоа се празна слама, ништо не нудат за иднината на својот народ. Во ваков концепт нема што да одлучуваме, гледаме дебати, митинзи, ништо не се нуди од другата страна. Логично е во државата да имаме левица и десница, разни идеологии, разни концепти, па да има конкурентен натпревар. Но, кај нас не се прави за разлики или идеологии, нашите опоненти се застанати во 18 век. Покажуваат тројка со рацете и јас мислам дека ќе гласаат за бројот 3. Тргнавме напред и застанување нема, тоа е правец по кој мораме и ќе се движиме. Нашата земја во тешки моменти изнајде начин како да се движи во вистинскиот правец. Еве нè денеска чекориме храбро, одиме напред, ова е возможно да продолжи само со вистински претседател на нашата земја, ова е возможно само со Стево Пендаровски“, рече Заев.

Според него, овие избори се од исклучителна важност затоа што со нив се опфаќаат и младите во државата. Како што вели премиерот, планот за задржување на младите во земјата е учество во НАТО и ЕУ, а тоа е примарната цел на кандидатот за претседател на РСМ, Стево Пендаровски.