Кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, на самиот почеток на вечерашната конвенција рече дека е дојдено време да се земе она што им е одземено на граѓаните пред 5 години – победа на претседателските избори и светла иднина.
„Полна сала, полно срце. Конечно, дојде време да си го земеме она што ни го зедоа пред 5 години. Оваа енергија нè води кон огромна победа, не за мене, туку за нашата држава, за наше подобро заедничко утре“, рече Пендаровски.
Кандидатот за претседател ги демантира изјавите во јавноста дека актуелната Влада потпишала договор да не се пушта химната на Република Северна Македонија на вчерашната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас. По ваквата изјава, во салата „Борис Трајковски“ беше интонирана химната на РСМ.
Пендаровски истакна дека победата на претседателските избори е загарантирана бидејќи ја има поддршката од сите етнички заедници во државата.
„Ние, на чело со Зоки, во 2014 покажавме дека може да се освојуваат гласови од сите етнички заедници, тоа го повторивме во 2016, а тоа ќе го направиме и оваа година на 21 овој месец и на 5 мај, уште поубедливо“, рече Пендаровски.
Кандидатот за претседател поддржан од владејачкото мнозинство напомена дека со заокружување на бројот 3 на претседателските избори граѓаните гласаат и за задржување на младите во државата. Пендаровски исто така вети пред граѓаните дека ќе се претворат во реалност барањата од шарената револуција, а тоа е правда и мир во Република Северна Македонија.
„Со оваа политика гарантирано е останувањето на младите во државата. Слоганот на шарената револуција беше ‘Нема правда нема мир’, гарнатирам дека ќе има правда и мир во државата. Не смееме да се коцкаме со иднината на земјата, на 5 мај треба да дадеме поддршка за оваа политичка структура, која е единствена што нуди иднина на оваа земја. Треба уште еднаш да ѝ дадеме легитимтет на оваа структура. Бројот 3 тогаш беше добитен реално и сега ќе биде добитен. Или ќе одиме сите заедно напред или нема да има среќа за нас. Назад сигурен сум дека никој не сака да ги преживува премрежињата на режимот додека гледавме како со години се пљачкаше државата, а сега од странство ни кажуваат како треба да се води државата“, рече Пендаровски.
На вечерашната конвенција свој говор имаа поранешниот министер и кандидат за претседател, Имер Селмани, и премиерот на РСМ, Зоран Заев.