Со мотото „Река за републиката“ вечерва кандидатот за претседател од Алијансата на Албанците и „Беса“ ја почна претседателската кампања од плоштадот „Скендербег“ во Скопје.
Пред присутните, претседателскиот кандидат Блерим Река рече дека од Скопјето на Хасан Приштина и Мајка Тереза ја пишуваат новата историја за Република каде владее правото, а не поединецот. Најави борба против корупцијата, непотизмот и селективната правда.
Им порача на граѓаните дека нивните гласови не се за тргување и ги повика масовно да излезат на гласање, без разлика на која партија и припаѓаат.
– Со вашиот глас докажете дека не сме анонимни 20 отсто. Докажете дека вие не сте само гласачи, туку и гласани. Затоа, Албанецот и не можеше да биде избран за претседател. Ова ќе се промени на 21 април, кога вие ќе го изберете претседателот. Од вас зависи дали сте за Албанец за претседател на Републиката. Вие сте суверенот што одлучува дали вашиот глас ќе ја направи Северна Македонија мултиетничка и евроатланска Република, рече Река.