23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Пендаровски најави фер и транспарентна кампања

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски од Централниот изборен штаб на СДСМ најави почеток на претседателската кампања, која треба да заврши на 21 април првиот круг, и на 5 мај вториот круг.

Тој најави дека за време на кампањата има намера да ги посети сите и поголеми и помали населени места во земјата.

„Во рамки на кампањата ќе постојат седум или осум т.н. помасовни собири и поголеми трибини со граѓани, сè останато ќе бидат трибини на кои ќе имаме помали групи луѓе, а на кои ќе разговараме со помала бројка граѓани, затоа што сакаме да ги чуеме сите нив и во разговор со нив да објасниме што е најдобро заеднички да направиме за нашата заедничка татковина“, порача Пендаровски.

Го објасни слоганот на штабот, „Заедно напред”, објаснувајќи накусо дека „заедно” значи дека мора секоја политика која има намера да придонесе за прогресот на Македонија да води сметка за мултиетничката реалност, да води сметка за сите етнички заедници, да не ги дели граѓаните по етникум, по религија или по политичка припадност.

„Две се најважните политички цели кои имам намера да ги промовирам во оваа кампања за кои и досега заедно како дел од една поширока владина структура се залагав. Внатре мора да ја одржуваме и да ја унапредуваме меѓуетничката кохезија, значи со инклузија на сите етнички заедници, во системот и во институциите на системот, а надворешно, Македонија мора да биде интегрирана во евро-атлантските структури, бидејќи не може да напредуваме во интеграциите ако не сме демократија, ако не сме во интеграциите, не може да имаме демократија внатре. Без демократија нема ни прогрес, така што мислам дека тоа во изминативе две години им стана јасно на сите граѓани во Република Северна Македонија“,изјави кандидатот за претседател.

Компромисите кои досега беа направени, според него, во меѓувреме беа тешки, но беа нужни, и беа единствен начин со зачувување на нашиот идентитетски комплекс да ги отвориме портите на Европа и на светот, да се интегрираме со модерните нации и држави и да станеме во еден кус временски период дел од нив.

„Значи, Македонија како просперитетно, демократско и интегрирано општество и држава е мојата цел, за разлика од нас, за разлика од мене, од мојот концепт, сите вие го знаете концептот на нашиот главен политички опонент, станува збор за концепт кој води во изолација, кој сака да ги поништи сите придобивки кои ги имаме во изминативе две години. Се борат за поништување на преспанскиот договор, за поништување на рамковниот договор, за блокирање на нашиот пат кон НАТО и ЕУ, бидејќи ако го не го прифаќате преспанскиот договор, не можете да напредувате кон интеграциите, тоа е секому јасно“, истакна Пендаровски.

Тој нагласи дека на овие избори практично контрастот е изразен во однос на политичките цели кои секој од сака да ги постигне.

„Ние се залагаме за Македонија интегрирана во Европа и просперитетна држава со добра меѓуетничка кохезија внатре, тие се залагаат за Македонија пред 2001 година, пред рамковниот договор или минимум за Македонија од десетте години на Никола Груевски кога бевме изолирани и на Балканот, а не, пак, пошироко“, рече Пендаровски.

На крајот, посака фер и транспарентна кампања за сите, бидејќи, како што рече, ќе биде исклучително битно да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ.

„Што се однесува до мене и можам да зборувам во однос на сите оние политички партии (31) кои застанаа зад мојата кандидатура и 32.000 граѓански потписи кои исто така ја поддржаа таа кандидатура, дека ќе направиме сè, јас лично ќе дадам сè и ќе се залагам да бидеме максимално коректни во овој изборен процес и да останеме во границите на еден политички ферплеј бидејќи само така можеме да дадеме пример и за сите останати учесници во овој изборен процес и за сите други политички субјекти, како се сака, се штити и се прави сè за напредок на сопствената држава“, заклучи Пендаровски.