23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Премиерот Заев и министерот Бектеши од Охрид: Економските политики се за раст на потрошувачката моќ на граѓаните и профитот на фирмите, и за развој на туризмот и на градот Охрид

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за економија, Крешник Бектеши придружувани од директорот на Царинска управа на РСМ, Ѓоко Танасоски денеска беа во прошетка по охридската чаршија. Премиерот Заев и министерот Бектеши посетија неколку дуќани и занаетчиски работилници и поразговараа со сопствениците за условите за работа и за нивните очекувања, и за значењето на мерките за поддршка од Владата за мали, микро и средни претпријатија.

Во рамки на посетата на охридската чаршија премиерот Заев и министерот Бектеши дадоа кратки изјави за медиумите.

„Со министерот Бектеши прошетавме по познатата охридска чаршија, посетивме неколку дуќани и занаетчиски работилници каде што поразговаравме со сопствениците и еснафите за условите за работа и за значењето на мерките за поддршка од Владата на Република Северна Македонија. Сите сме согласни дека поддршката за мали и средни претпријатија што ја обезбедува Владата е значајна и ќе продолжи, а заеднички се очекувањата економските политики да резултираат со зголемување на личната потрошувачка што за овие семејни бизниси и занаетчиски работилници ќе значи и зголемување на профитот“, рече премиерот Заев и соопшти дека оваа година се менува казнената политика која во минатото беше репресивна и служеше за притисоци и закани и политички влијанија кон приватниот сектор.

Премиерот Заев рече дека казните ќе бидат правични и сразмерни согласно големината на фирмите и нема да го загрозуваат работењето и опстанокот на фирмите и нема да го отежнуваат животот на граѓаните. За фирмите, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, бројот на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци.

„За малите фирми според новиот закон минималната глоба ќе биде 50 евра, а максималната глоба ќе изнесува 2000 евра. За споредба, во стариот закон максималната глоба изнесуваше 5000 евра – што значи глобите за малите фирми се намалуваат за 60%. Пред глоба, може да се изрече опомена. Или, во случаи кога прекршокот е сторен за прв пат и не предизвикал штетни последици, ниту го загрозил јавниот интерес. Законот ќе важи еднакво за сите“, истакна премиерот Заев и најави дека следува средба со сопственици на хотели со кои ќе поразговараат за перспективите за развој на туризмот.

„Од овде се упатуваме и на средба со сопственици на хотели од овој крај да ги слушнеме нивните размислувања и предлози за развој на туризмот. Со оглед на тоа што изминатата 2018 година имавме рекордно висок износ на туристи кој изнесуваше над 1 милион што придонесе и раст не девизниот прилив од 16.7% споредено со 2017, очекувам дека оваа година можеме уште подобри резултати да постигнеме доколку заеднички се вложиме во реализација на зацртаните цели и политики за развој на туризмот“, нагласи премиерот Заев.

Министерот Бектеши ги сподели информациите и бројките коишто се однесуваат на бројот на странски и домашни туристи коишто ја посетиле нашата земја и нагласи дека минатата година се надминати очекувањата, земјата ја посетиле над 1 милион туристи.

„Сакам да ве информирам дека од претходната година во Република Северна Македонија имаме регистрирано 1.1 милиони туристи, а очекувањата се дека во 2019 година ќе достигнеме над 1.3 милион туристи и истовремено над 4 милиони ноќевања во нашите угостителски и сместувачки објекти. Добра вест е што имаме пораст на домашните туристи“, истакна министерот Бектеши.

Министерот Бектеши посочи дека Владата на Република Северна Македонија спроведува политики за развој на туризмот, а една од мерките е субвенционираниот годишен одмор која значително придонесува за развој на домашниот туризам.

„Продолжуваме и оваа година да субвенционираме годишен одмор за работниците со ниски примања. Сакам да ве известам дека од 26 пријавени хотели, 14 хотели се од Охрид, што значи дека над 50% од сите добитници на средствата од оваа мерка што ја спроведува Владата преку Министерството за економија, ќе престојуваат во Охрид“, рече министерот Бектеши.