23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Бизнис заедницата и образовниот сектор на средба со заменик министерот Атанасов

Заменик министерот за образование Петар Атанасов и градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, остварија работна средба со претставници од бизнис заедницата, претставници од АВРМ и образовниот сектор во градот под Пелистер, на тема „Дуално образование – поврзување на стопанството и образованието”.

Градоначалничката Петровска, како домаќин, изрази задоволство од ваквиот вид на соработка на Министерството за образование и наука, училиштата како дел од општината и стопанскиот сектор, кои заеднички ќе ги планираат натамошните стратешки чекори за подобар развој на Општина Битола.
Заменик министерот Петар Атанасов како клучен проблем ја посочи неусогласеноста на потребите на пазарот на труд и кадрите кои во моментов ги продуцира нашето образование. Тој ги презентираше преземените мерки за надминување на овој проблем, преку работата на одредени измени во наставните планови и програми, во кои е предвидено да има поактивно поврзување на теоријата и практичната работа, во која свој удел ќе имаат и компаниите.

Претставниците на Регионалната стопанска комора и дел од бизнис заедницата посочија дека и тие имаат проблеми, односно се соочуваат со недостиг на соодветен работен кадар од една страна, но и продуцирање на недоволно квалитетен кадар. Ова прашање за нив е комплексно и мора да се пристапи кон што поскоро негово решавање. Тие го поздравија одржувањето на ваков вид средба, во која се земени во предвид и нивните очекувата и потреби.

Директорите на битолските училишта исто така ги посочија проблемите со кои се соочуваат при реализација на наставно-образовниот процес, особено потенцирајќи ја лошата состојба предизвикана од блокираните сметки од претходната власт, руинираните вредности на образовниот систем, лошите реформи во изминатиот период и задолжителното средно образование. Тие сепак сметаат дека со новите реформски зафати во образованието, ќе започне процес на подобрување и во оваа сфера.

Образованието не смее да се одвива стихијно, тоа е процес кој мора да се планира, посочи Атанасов на средбата со градоначалничката Наташа Петровска вo нејзиниот кабинет.