23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Зеќири: Државата ќе најде начин да биде донесен Законот за јавно обвинителство што е клучен за правната држава и интеграцијата во ЕУ

Законот за Јавно обвинителство е клучен за правната држава, но и сериозен чекор кон интеграциите и отворањето на преговорите со ЕУ, потенцираше меѓудругото потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири во синоќешното гостување во емисијата „И што сега?“ на првиот канал на јавниот сервис.

Зеќири истакна дека иако опозицијата го блокира процесот за носење на Законот за јавно обвинителство, државата, институциите ќе најдат начин да го продолжат процесот на интеграции бидејќи тоа обезбедува придобивки на сите граѓаните.

„Законот за јавно обвинителство и работата на СЈО е клучен чекор кон унапредување на правната држава, клучен чекор кон интеграцијата во ЕУ. Тоа е врвен државен интерес и треба да биде над сите нас. Тука не се работи за иднината на политичките партии, се работи за иднината на државата. Затоа треба да бидеме одговрни и рационални, да гледаме напред, а не да се враќаме назад. Напредокот е очигледен. Членството во НАТО е извесно, а датумот за преговори со ЕУ ќе донесе придобивки за сите граѓани на Република Северна Македонија, порача потпретседател Зеќири.

Осврнувајќи се на претстојните претседателски избори, Зеќири истакна дека особено е важно Република Северна Македонија да има кристално чисти избори, на кои граѓаните ќе ја дадат својата поддршка на заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски.