Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, имаше обраќање на конференцијата на тема „Предизвиците на медиумската саморегулација во регионот на Балканот и Турција” во организација на Советот за етика во медиумите (СЕММ).
„Во насока на обезбедување услови за квалитетно новинарство во дигиталната ера, политиките на Владата секогаш ќе се раководат од тоа што медиумите и медиумските професионалци ќе го утврдат како највисоки етички стандарди во остварувањето на нивната благородна професија”,истакна Поповски во своето обраќање.
Говорејќи за поддршка на слободата на изразување и создавање услови за најдобри новинарски практики, министерот укажа дека Владата уште на една од своите први седници усвои изјава за изразување силна политичка волја, како и поддршка на Владата и на нејзините институции, за континуирана примена на етичкиот кодекс за медиумско известување, и за силно охрабрување на примената и почитувањето на системот за медиумска саморегулација.
„Саморегулацијата на медиумите како принцип кој произлегол од самите медиуми и од професионалците во нив, има за цел да ги заштити основните интереси – слобода на изразувањето, а во, исто време, да ја врати довербата на јавноста во однос на нивните медиумски содржини. Најчесто споменувано мото од застапниците на овој систем е: Колку повеќе саморегулација – толку помалку државна регулација”, истакна Поповски додавајќи притоа дека со ова мото целосно се согласува и искрено верува во него.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност истакна дека реакциите и укажувањата на саморегулаторните тела мора да добијат на видливост во самите медиуми, да стекнат почит и вреднување во јавноста. Од таму треба да дојдат и иницијативите насочени кон борбата против лажните вести и дезинформациите, и за повторно воспоставување кредибилитет на новинарите и на заемната доверба меѓу медиумската заедница, публиката и општествените институции, додека властите во секоја држава имаат обврска да бидат целосно отворени и отчетни и своите политики да ги стават на увид на медиумите и јавноста.