Хрватски истражувачки новинар поднел пријава до обвинителите во Милано против српскиот претседател Александар Вучиќ поради неговата наводна вмешаност во аферата „Сараевско сафари“, во која снајперисти од Италија и други земји наводно патувале во главниот град на Босна за да убиваат цивили за време на четиригодишната опсада на градот во 90-тите години.
Последната недела обвинителите во Милано почнале истрага насочена кон идентификација на Италијанците, кои наводно се вмешани, под обвиненија за доброволно убиство под околности – суровост и ниски побуди, пишува „Гардијан“.
Според истражителите, групи снајперски туристи наводно учествувале во масовни убиства откога плаќале големи суми пари на војници од армијата на Радован Караџиќ, поранешниот лидер на босанските Срби, кој во 2016 година е прогласен за виновен за геноцид и други злосторства против човештвото, за да бидат пренесени на ридовите околу Сараево, каде што можеле од задоволство да пукаат во населението.
Повеќе од 10.000 луѓе биле убиени во Сараево од гранатирање и снајперска огнена сила меѓу 1992 и 1996 година и тоа се смета за најдолга опсада во модерната историја по прогласувањето независност на Босна и Херцеговина од Југославија.
Снајперистите биле можеби најстрашниот аспект од животот под опсада во Сараево бидејќи неселективно ги таргетирале луѓето на улица вклучувајќи и деца.
Истрагата произлегла од правна пријава поднесена од Ецио Гавацени, писател од Милано, кој собрал докази за обвинувањата, како и од извештајот што обвинителите го добиле од поранешната градоначалничка на Сараево, Бењамина Кариќ.
Гавацени изјавил дека првично прочитал за наводните снајперски туристи во италијанскиот печат во 90-тите, но дури кога го гледал „Сараево сафари“, документарец од 2022 година на словенечкиот режисер Миран Зупанич, почнал подетаљно да истражува.
Во средата истражувачкиот новинар Домогој Маргетиќ ја поднел својата пријава против Вучиќ пред обвинителите што го водат случајот.
Како што беше објавено во Сараево, последниве денови Маргетиќ на социјалните мрежи објавил докази дека Вучиќ, тогаш млад доброволец, бил присутен на една од воените позиции во Сараево, од кои, според сведоци, странски државјани и српски ултранционалистички единици пукале и убивале цивили.
Гавацени тврдел дека „многу, многу, многу Италијанци“ наводно биле вмешани, без да наведе бројка. Тој додал: „Имаше Германци, Французи, Англичани… луѓе од сите западните земји што плаќаа големи суми пари за да бидат одведени таму и да пукаат на цивили“.
Александар Вучиќ досега нема коментар за најновите обвиненија, но шпекулации за неговото присуство на сараевското боиште кружат со години.
Во интервју за една босанска телевизија во 2021 година српскиот претседател изречно негирал дека некогаш пукал на опколениот град. Тогаш тој ги опишал обвиненијата како политичка манипулација заснована врз националистичката реторика на неговата младост и врз кревката рамнотежа на силите во регионот./Извор:Makfax


