Centar.mk
МАКЕДОНИЈАКУЛТУРА

Почина Славица Свидерска, професорка по македонски јазик на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана (1984-2025)

Друштвото на писателите на Македонија со длабока тага и жалење ја известува јавноста дека денес, 12.11.2025 г. почина поетесата Славица Свидерска (1984, Битола). Доктор по филолошки науки. Лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за странски јазици во Тирана.

Зад себе остави богато поетско, есеистичко и научно творештво од областа на теорија на книжевноста. Преведувана е на десетина јазици и добитничка е на повеќе поетски награди во земјава и во странство. Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), Golgotha Feminarum (2023), „Мистичен си свету“ (2025), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).

Погребот ќе се одржи на 13.11. од 11 до 12 часот на Светонеделските гробишта во Битола.

Со сочуство и порака се огласи и амбасадата на Македонија во Албанија:

Со љубов и благодарност за професорката Славица Свидерска

Денес нашата Амбасада ја обви тишина и тага. Замина нашата драга колешка, професорката и лектор по македонски јазик на Универзитетот во Тирана, Славица Свидерска – жена со благородна душа, тивка, силна и со неизмерна љубов кон луѓето.

Славица не беше само дел од нашиот тим, туку и дел од нашите секојдневни радости, разговори и насмевки.

Кон работата се однесуваше како да е светлина, ја ширеше љубовта кон зборот додека во нејзините реченици секогаш нè потсетуваше дека убавината живее во едноставноста на искреноста.

Ќе ја паметиме по добрината, скромноста и топлината што ја оставаше зад себе.
Нејзиниот дух ќе остане со нас – во секој збор и во секоја мисла.

Овој свет изгуби една прекрасна личност, а другиот свет доби ангел.

Почивај во мир, драга Славица. Благодариме за сè.

Пријателите од твојата Амбасада: Љуфтим, Радмила, Емилија, Берти и Димитра, се вели во објавата.

error: Соддржината е заштитена.