Во основното училиште „Ристо Крле“ во населеното место Кадино, заедно со подрачните училишта од Мралино и Бунарџик, во свечена и пријатна атмосфера беше одбележан патрониот празник на училиштето. Настанот изобилуваше со бројни активности преку кои учениците ја изразија својата креативност и љубов кон знаењето.
Во рамките на свеченоста, делегација предводена од градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, и делегација предводена од директорот на училиштето, Јовче Петковски, положија свежо цвеќе пред бистата на патронот.
Овогодинашното одбележување беше под мотото: „Од детски сон, до идна професија – училишните клупи не создаваат само знаење, создаваат иднина!“ Преку богата и разновидна програма, учениците ги покажаа своите таленти и посветеност. Публиката со бурни аплаузи ги награди сите учесници, создавајќи атмосфера исполнета со радост, гордост и заедништво.
Ова одбележувањето на патрониот празник уште еднаш потврди дека ООУ „Ристо Крле“ е училиште кое негува традиција, знаење и култура, но пред сè, ја поттикнува љубовта кон учењето и ја гради иднината на своите ученици. Настанот беше симбол на заедништво меѓу учениците, наставниците и локалната заедница, кои заедно ја слават мисијата на образованието.


