19. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРОМОБИЗНИС

Работна посета на претставници од Министерството за финансии на САД во Стопанската комора на Северна Македонија

Денес, во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија, се одржа работна средба помеѓу претседателот на Комората, г. Бранко Азески, и претставници од Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави – г. Томас Метју и г-ѓа Лаура Хостели, советници за приходна политика во Министерството.
Целта на посетата беше размена на информации и мислења за тековните економски предизвици, фискалните политики и можностите за продлабочување на соработката помеѓу двете институции. Особено внимание беше посветено на улогата на приватниот сектор во креирањето на стабилна и предвидлива економска клима, како и на важноста од транспарентни и ефикасни јавни финансии.

Во своето обраќање, претседателот Азески се заблагодари за континуираната поддршка и стратешкото партнерство кое Министерството за финансии на САД го обезбедува во насока на зајакнување на институционалните капацитети и поддршка на економските реформи во Северна Македонија. Тој ја истакна важноста од вакви средби за унапредување на дијалогот и соработката со меѓународните партнери.

На средбата се дискутираше за задоволството на бизнисот од соработката со државните институции надлежни за прибирање на јавните приходи и услугите кои бизнисот ги добива од истите.

Стопанската комора на Северна Македонија изрази задоволство од досегашната соработка со Управата за јавни приходи и Царинската управа, особено во делот на отворениот дијалог и заедничкото решавање на предизвиците со кои се соочуваат компаниите, но и ги истакна отворените прашања и областите во кои постои можност за подобрување.

Комората го поздрави континуираното функционирање на новоформираниот Совет за даночна усогласеност во УЈП и го смета за клучна платформа за транспарентна дискусија, размена на мислења и формулирање на практични решенија во областа на оданочувањето, како и напорите на Управата за решавање на одредени проблеми со кои се соочува бизнисот. Сепак, како приоритети на кои во иднина треба да се работи ги посочи: поголема интеграција на системите за податоци во УЈП, автоматизацијата на процесите и забрзување на издавање даночни акти, јакнење на капацитетите на инспекциските служби и нивна континуирана едукација, со цел идентично постапување на инспекторите при инспекциските контроли, воведување на „бела листа“ на уредни даночни обврзници, забрзување на процесот за воведување на електронска фактура (Е-фактура), континуирани контроли за фискализација, сузбивање на сивата економија во е-трговијата и потребата од создавање на систем за навремениот поврат на ДДВ
Средбата помина во конструктивна атмосфера, со заедничка согласност за продолжување на меѓусебната комуникација и соработка во иднина.

Можеби ќе ве интересира

Потпишан Меморандум за соработка за побрза и поефикасна размена на податоци помеѓу УЈП и ФЗО

ДЕСК

Одбиени тужбените барања кон државата за Казандол – Државата нема да плати 115 милиони евра отштета

ДЕСК

НОВО ПОСКАПУВАЊЕ НА СТАНОВИТЕ ВО НАЈАВА – ДДВ за станбен квадрат за нови станови би можело да се подигне од 5 на 18%

ДЕСК