Двајца мажи починаа, а други двајца се хоспитализирани по насилниот инцидент во центарот на Лондон вчера. Еден од хоспитализираните мажи е приведен под сомнение дека е поврзан со нападот.
Метрополитенската полиција извести дека добила повик за напад во Саутерк околу 13 часот во понеделникот. На местото на настанот пронашле четири лица со убодни рани. 58-годишен маж починал на самото место, а преостанатите три лица биле итно префрлени во болница. 27-годишен маж подоцна им подлегнал на повредите.
Третиот повреден маж, на возраст од триесет години, сè уште е на болничко лекување, а неговите повреди не се опасни за животот. Четвртиот маж, исто така во триесеттите години, беше приведен како осомничен, но и тој е во болница во животозагрозувачка состојба.
„Нашата истрага е во рана фаза и работиме напорно за да ги расветлиме сите околности во врска со овој шокантен инцидент“, рече детективката началничка на полицијата Ема Бонд. „Во овој момент не веруваме дека инцидентот е поврзан со тероризам и дека нема понатамошна опасност за јавноста“.
Советничката од Саутерк, Наташа Енин, изрази сочувство до семејствата на жртвите. „Ужасена сум и длабоко тажна од смртта на двајцата мажи. Моето искрено сочувство до нивните семејства и пријатели“, рече таа./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...