24. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Општина центар
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: На 8 мај ја отвораме градинката „Пролет“, со тимот зад мене и сработеното, верувам дека заслужуваме уште еден мандат

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во утринската емисија „Студио 10“ на Телевизија 24 истакна дека оваа пролет и лето ќе бидат исклучително активни, со бројни нови проекти и активности.

„На 8 мај свечено ја отвораме новата градинка “Пролет” – модерна, урбана и една од најубавите градинки во државата“, рече Герасимовски, најавувајќи и реконструкција на неколку улици, завршна фаза на обновувањето на паркот во Капиштец, санација на детски игралишта и поставување нова урбана опрема.

Општината планира и уредување на зелените површини во текот на летото, а еден од клучните капитални проекти е и реконструкцијата на спортската сала Работнички во Градскиот парк.

„По многу години, салата конечно е во сопственост на општината и работиме интензивно, планираме во септември да ја пуштиме во употреба“, нагласи градоначалникот Герасимовски во интервјуто за ТВ 24.

Герасимовски најави реконструкција на повеќе улици и коловози како дел од инфраструктурните зафати што ќе се реализираат во текот на сезоната.

„Буџетот на општината е најголем досега, и финансиски сме во одлична кондиција. Немаме никакви финансиски проблеми, ниту како општина, ниту со јавните претпријатија. Нашето претпријатие ,,Паркинзи на Општина Центар” работи во позитива и тоа е доказ за стабилноста во работењето“, додаде тој.

Запрашан дали ќе се кандидира за уште еден мандат, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изјави: „Имаме енергија, искуство и силен тим кој е подготвен да продолжи и во следните четири години. Веќе се подготвува одлична програма со голем број нови проекти, насочени кон подобрување на секојдневието на граѓаните. Завршуваме со реализација на капиталните проекти што ги ветивме, и верувам дека граѓаните го препознаваат и го ценат сето она што го направивме досега”.

Тој појасни дека во моментов се спроведуваат анкети за мислењето на граѓаните. „Ако добиеме позитивен сигнал, планирам повторно да се кандидирам. Имаме механизми да детектираме што им е потребно на Центарци, за тоа добиваме повратни информации и од урбаните заедници. Заедно ќе го креираме патот понатаму“, рече Герасимовски за ТВ 24.