(Не)пушачки кафански полемики
Oтсекогаш ги сакам кафаните, а верувам дека и тие мене ме сакаат. Или се убедувам дека ме сакаат. Сакам ексклузивни ресторани, сакам просечни, а сакам и биртии, во зависност од џебот кој од година-во-година е се’ почесто во не така добра кондиција. Сакам добро да потегнам, признавам, не знам дали е тоа моја карактерна црта или некој мој прастар грев што го влечам во моите гени. А можеби е само чиста „боемштина“ (?); сакам друштво, а понекогаш сакам да бидам сам на тие места кајшто „самотијата се собира“.
Години пред да се роди моето дете, го читав Волшебниот рид на Ман; пред неколку недели, од крајна нужда, или можеби додека шуркав низ полиците со книги барајќи ни самиот не знам што, повторно ми се појави истата книга. Ме зачешка носот, ја извадив од витрина, ја оставив на мојот кревет за да ја читам вечерта кога ќе ги завршам дневните рутини.
На крајот од овој тежок и депресивен февруари, зима Господова 2025., додека надвор беснее студ и темнина, а јас внатре го читам повторно Волшебниот рид на Томас Ман, и постепено почнав да размислувам – додека читав – за мојата грозна навика наречена пушење на цигари. Можеби би рекол дека цигарите не ме оставаат мене? Иако мојот организам секојдневно се буни поради мојата криминална неодговорност кон моето тело поради вовлекување на никотин. На почеток, си реков, ајде да почнам со читање, можеби овој пат Ман ќе успее да ме откаже од цигарите.
Најмногу сакам да пушам цигари додека пијам алкохол, а посебно сакам кога сум серизоно „натопен“, иако сум свесен дека утрото ќе биде главоболно, ладноиспотено и деперсонализирано. Кој пробал, знае, а знаат поприличен број на луѓе во земја која во овој момент се наоѓа ниту на исток ниту на запад. Знам исто така дека „вродените“ навики од пушење на цигари оставаат трајни последици, без разлика дали сте пушач или апстинент, а читањето на оваа книга е мала провокација за луѓето кои екстремно се опседнати со „здравиот живот“.
Таквите понекогаш сакам да ги нервирам, посебно уживам кога им расте притисокот, а тоа не е здраво. За среќа по народното здравје, таквите најмалку ги интересираат моите текстови, уште помалку ги интересира Волшебниот рид на Томас Ман, оти не сум јас мудар и паметен како „Семе синапсово“ или како Куељо, а не сум мудар ниту како оние наши колумнисти и писатели кои се на директна линија со Господа и целиот негов поблизок и подалечен кабинет.
Добро, ајде вака да речеме: ако сакате да се откажете од пушење на цигари, од срце ви го препорачувам Волшебниот рид: нема подобра лектира од тоа да се откажете од никотин, книга во која на секој чекор се кашла, кр’кла, искашлува балгам, крвца и слично на тоа.
Добро, море, црни Ненаде, нели гледаш што се случува во земјата и светот, што сега не’ малтретираш да се откажеме од никотин, па уште да ти читаме и книги? Како зошто? Затоа што од пред некоја ден масовно почна во кафаните ригорозно да се делат просторите на пушачи и непушачи; повторно се прохибира забрана; секогаш кога ВМРО доаѓа на власт, стално има некакви забрани, те за ова, те за она…
Дали ги откажав цигарите – не!; дали планирам да ги откажам цигарите – да!; дали ве убедувам да се откажете од никотин – да! Епа, што по ѓаволите сега сакаш?, ќе рече некој. Добро, сакам чиста и проветреана просторија, признавам; мојот нос сака чиста и незадимена соба, кафана…, ама исто така, моето либертаријанско срце сака некои туѓи права да останат неповредени: непријатно е кога „силата“ на државата ги штити правата на непушачите така што го ограничува начинот на живот на оние другите.
Во овој тип на расправи, не треба да се биде ни безобзирна пушачка свиња (да речеме како мене), ниту крсташки непушачки морализатор. Најдобро е да се влезе во проблемот од сите страни. Затоа, да бидеме искрени, и да тргнеме секој од себе.
Мене (иако пушач), навистина ми смета кога се наоѓам во задимена просторија. Кога ќе се најдам на такво место, на памет не ми паѓа дека не е така. Исто така, презирам лицемерно подебавање од типот „кукавицо, зарем мислиш дека ќе си го загрозиш здравјето ако во кафаната е задимено“?. Ма не, кретену, туку ми смрди. Добро, ниту од прдење свое или туѓо никој не умрел, па не би сакал да се биде на место во кое некој нон-стоп прди.
Затоа го прифаќам аргументот во просторијата во која се пуши да биде редовно проветрена, за да можам тука да се чувствувам релативно пријатно. И на мира да пушам. Не сакам исто така кога во лифт се пуши, а ако има некој таков, тој е кретен. Оној што пуши во автомобил, пак, ако во него има само еден непушач е проклет садистички социопат. И не би сакал некој да ме нарече загрижен морализатор, затоа што не сакам додека се возам во автомобил некој да пуши. Иако сум пушач, некој може да ме нарече и „пушачки фашиста“. Море, fuck you!
Oд друга страна, не би сакал да живеам во свет во кој не се пуши и цигарите потполно се протерани или ставени во некој темен глувчешки простор. Вусушност, сигурен сум дека не би сакал да живеам во таков свет.
Се разбира дека е корисно да се предупредува на здравствените ризици од пушење на цигари, ама тоа е едно, а филистарската „морална паника“ е нешто сосема друго. Никотинот и тие шејтански материи навистина се отров, ама цигарата е и културен артефакт, а пушењето, меѓу другото, е огромно уживање – тоа многу добро го знам затоа што додека ги типкам овие зборови се’ уште сум тамо. Исто како што знам колку ќе ми биде поубаво ако престанам да пушам.
Секој има право да си одлучи за себе, ама сепак, да се вратиме ние на Томас Ман и неговиот Волшебен рид.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.