Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска одржа прес-конференција, на која информира за мерките што ги донесе Министерството за економија и труд со цел заштита на стандардот на граѓаните.
Министерството за економија и труд и Владата континуирано носат мерки и креираат политики со цел заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата. На почетокот на оваа недела Собранието на предлог на група пратеници ги изгласа измените на Законот за заштита на потрошувачите, информира Дурмиши.
Со овие измени трговците, појасни тој, почнувајќи од средината на април, ќе имаат задолжителна обврска да ги објават цените на сите производи на своите интернет-страници.
„Законот, кој очекуваме деновиве да биде објавен во ‘Службен весник’ предвидува во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила трговците на своите веб-страници да ги објават цените на сите производи што ги продаваат во своите продавници“.
Според него, во наредните 10 дена ќе бидат објавени и правилниците, кои ќе пропишуваат на кој начин ќе се објавуваат цените од страна на трговците.
Со овие законски измени Дурмиши очекува поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкуретност и намалување на цените.
Граѓаните, вели тој, сега ќе може да изберат каде ќе ги трошат своите пари, ќе знаат за секој производ во кој маркет по која цена се продава.
Според него, ваквата мерка ќе донесе до зголемување на конкурентноста помеѓу трговците и намалување на цените на производите. Потрошувачите ќе бидат целосно информирани за тоа кој производ кај кој трговец колку чини.
Овој закон, како што појасни, се однесува на мали, средни и на големи трговци, со што е исклучуваат микротрговците и трговците поединци, односно маалските дуќани.
Потсети дека законската измена следува откога минатата недела Владата по предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на маржите на 102 групи основни прехранбени производи и средства за хигена и ограничување на цените на 8 групи на најосновни прехранбени производи.
Двете мерки веќе се во сила и ќе траат заклучно со 30 април, односно ќе бидат опфатени и двата празника, Рамазан и Велигден.
„Државниот пазарен инспекторат е на терен и инспекторите постапуваат по одлуката дали маркетите ги усогласиле своите цени на полиците.
До крајот на оваа недела е предвидено да се направи надзор на над 1.000 трговски објекти во државата по што Државниот пазарен инспекторат ќе излезе со податоци за евентуално непочитување од страна на одредени маркети.
Казните се движат од 500 до 10.000 евра, па и до затворање на маркетите во траење од 15 дена. Очекувањата се дека цените ќе се намалат во просек околу 10 %, со што ќе влијаеме на стабилизирање на инфлацијата и заштита на стандардот на граѓаните“, истакна Дурмиши./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...