Изјава на министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска
Почитувани, денеска сакам во јавоста да споделам еден податок кој воедно е потврда за нашите политики коишто ги креираме, но исто така и факт за реалните состојби. Имено денеска објавените податоци од Народната банка покажуваат дека во 2024 година е реализиран убедливо највисок износ на странски директни инвестиции во историјата на Македонија и првпат во историјата надминаа 1 милијрда евра. Односно во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваат 1,255 милијарди евра и доколку направиме споредба со претходната година бележат зголемување за повеќе од двојно. Дури и во споредба со досега рекордното ниво на СДИ остварено во 2022 година, тие во 2024 година се повисоки за речиси 70%. При тоа е значајно дека растот на СДИ е изразен не само во апсолутни износи, туку и како учество во БДП. Така во однос на проектираниот БДП за 2024 година, реализираните СДИ изнесуваат 8,1%, што е највисок износ уште од 2007 година. Поконкретно за споредба, во целиот 15-годишен период 2008-2023 година, СДИ ниту еднаш не надминаа 6% од БДП. На овој начин потврудваме дека ја менуваме економската слика за државата која со години беше девастирана и покажуваме дека системот се менува и има промени и дека работиме на враќање на довербата во системот.
Највисок износ на СДИ во 2024 се забележа во четвртиот квартал, кога изнесуваа скоро 400 милиони евра, односно, односно за 73,3% повеќе во споредба со претходната година.
Во однос на видот на инвестиција, СДИ бележат рекордно високи износи кај двата вида: сопственички капитал и реинвестирање на добивката и должничките инструменти. Сопственичкиот капитал и реинвестирањето на добивката во 2024 година изнесуваа 569 милиони евра, што е раст од 38,4% во однос на претходната година. Висок раст бележат и должничките инструменти, коишто ги опфаќаат средствата и обврските од и кон поврзаните претпријатија во странство, и тоа заемите на меѓусебно поврзаните субјекти, трговските кредити и аванси на меѓусебно поврзаните субјекти, како и средствата и обврските врз основа на останатите должнички инструменти на меѓусебно поврзаните субјекти. Оваа категорија е всушност и главен двигател на високиот раст на СДИ, со реализирани 686 милиони евра, износ кој е четири пати повисок во споредба со претходната година. Во најголема мера, растот кај должничките инструменти е резултат на должничките инструменти вложени од страна на странските директни инвеститори во домашните претпријатија во кои инвестирале.
Доколку се анализира по земји, забележително е дека изворот на странски директни инвестиции во 2024 е високо диверзификуван. Најголем износ на СДИ од 256 милиони евра се реализирани од Обединетото Кралство, при што речиси сите се во форма на должнички инструменти дадени од британските директни инвеститори во домашните претпријатија во кои инвестирале. Друга земја со забележително учество е Германија, која и покрај состојбата во нејзината економија и понатаму го има интересот за инвестиции во Македонија кој е висок и изнесува 202 милиони евра. Други земји со повисоко учество на СДИ во 2024 година се Турција (137 милиони евра), Холандија (67 милиони евра), Австрија (64 милиони евра,) Грција (57 милиони евра).
Гледано по дејности, најголем дел од странските инвестиции се во производството (408 милиони евра). Значително ниво на инвестиции е реализирано и во градежништвото (211 милиони евра), услугите (198 милиони евра), и кај електричната енергија (142 милиони евра).
Ваквиот тренд очекуваме да продолжи и во 2025 година. Инвестициите се нашата база на која ги креираме политиките за раст на економијата, која е основата за подобрување на состојбите во земјата, вклучително и стандаредот на граѓаните. Пред нас е многу работа, затоа што она што го наследивме бара многу напори и време за да се стабилизираат состојбите.
Ова се фактите што говорат и покажуваат како работиме и ние цврсто остануваме во спроведување на политиките кои сме ги ветиле и со кои сакаме да обезбедиме подобра иднина за сите.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...