Од шок терапиите на Трамп ќе го „папаат“ најслабите, а најслабите сме сите ние
Светот врие на сите страни. И ништо повеќе нема да биде исто откако Трамп ја презеде најмоќната империја на светот. Гледам обид некои земји директно да се купат, а имаме и ситуација во која Трамп ни вели, „да ја заземеме Газа, потоа ќе ги раселиме тамошните палестинци…“
Доналд Трамп, избраниот претседател на САД – по втор пат – тргнува со шок терапии на сите нивоа: надворешно-политички, економски и идеолошки. Да ги видиме надворешно-политичките шок терапии, барем оние кои мене ми се најинтересни, а за жал и најопасни.
Трамп меѓународната политика ја разбира како „право на посилниот“, поточно, надворешната политика ја разбира како гладијаторска арена во која тој е најголемиот и најсилниот гладијатор, посилен од сите до себе; во таква констелација вие инјектирате одредена колична на страв пред масите во политичката арена – тој страв му го чисти патот на Трамп кон нешто кое за него значи „трајно решение“.
Што се однесува за неговиот пристап околу појасот Газа, во кој директно влијае: 1.) Трамп не го интересира минатото како што не го интересира минатото на конфликтот помеѓу палестинците и израелците; тој лично смета дека е повикан таквиот конфликт да го реши со „потез на перото“; 2.) Израелското лоби во внатрешната политика на САД, а особено во надворешната политика на САД е огромно. Се разбира, не посмислувaм овде во некои категоризации од доменот на научна-фантастика или некакви теории на заговор.
Сериозни политолози и научници за влијанието на Израел во САД пишуваа и ги поткрепуваа своите тези со илјадници докази за кои овде нема да стане збор. Ама ако денес ја набљудуваме САД од „реално време“, ќе видиме дека Израел има лоби-влез во Демократската партија, како што денес има уште поголем лоби-влез во Републиканската партија, па во таа смисла, Тармп е апсолутно попустлив кон Израел.
Дури би рекол дека Трамп е отворен кон Израел многу повеќе одошто е отворен кон Нетањаху, затоа што овој отворено во 2021. година агитираше за кандидатурата на Џо Бајден, така што Трамп лично му замери, ама сега тоа е најмалку важно.
Не знам колку нашата јавност знае, Трамп има книга која се нарекува „The art of the Deal“, во која всушност главната теза е дека тој прави „префрлувања“ и ги решава работите – воведувајќи шокови, напади и преседани во меѓународните односи.
Правото на посилниот е еден од најважните преседани на Трамп. И тоа е нешто во кое овој искрено верува. Тоа му остана од њујоршкиот брутален адвокат Рој Кон, ви пишував и за тоа.
Е, сега, овие работи кои овде ви ги опишав „на прва“ топка, некој би можел да помисли дека се работи за класични силници во политичката арена, но напротив. Овие преседани на Трамп се исклучително опасни.
Ако ти како претседател на најмоќната земја на светот имаш проблем со 2. милиони луѓе на некој простор, па инсистираш тоа да го решиш на гладијаторски начин – ги раселиш и фантазираш дека на тоа место ќе направиш Ривиера – а знаеме дека природата на дијалектиката е посилна од сe’ – кој е оној што ќе гарантира дека во останатите земји исти или слични проблеми нема да ги решаваат и други лидери на ист или сличен начин кои не се Трамп и не се Америка?
Од друга страна, важно е да се напомене: Трамп нема никакви концесии кон своето републиканско гласачко тело; денес републиканската база на Трамп културолошки е десна, а економски игра леви политики, така што таквите потези на Трамп базата ќе ги поздрави. Исто така, со таквиот пристап кон Газа, Трамп смета дека и’ задава шах-мат на Исламската Република Иран, неа ја гледа како најголема закана не само на Блискиот исток, не само во тоа тромеѓе – Европа, Азија и Африка – Иранците уште ги смета за најверодостојни и најсериозни непријатели на Израел, а палестинците ги смета за иранско топовско месо.
Имам уште многу да кажам, на пример, за „повикот на нови избори во Украина“ како дел од „мировниот план“ помеѓу Русија и Украина под патронажа на Америка; и после 3 годишна војна, Зеленски барем според некои инфармации, „ужива“ поддршка на Украинците со повеќе од 65%; изборите во Украина притоа ќе бидат организирани во грозни околности, непосредно било воени или повоени… И тука се поставуваат мноштво од прашања: дали Заеленски е како Горбачов – повеќе популарен надвор отколку внатре во својата земја (?), дали со евентуално доаѓање на нов претседател, Русија ќе има нов вазал во Киев ако во случај Зеленски биде поразен?
„Катастрофа на небесите, што значи се’ е отворено“, што би рекол прекрасниот филозоф Славој Жижек.
А сега да се вратиме дома, во нашата мила & драга Северна Македонија. И видиме што тука имаме?
Мицкоски од досегашните патувања во САД, можам да приметам дека се работи за брутално амбициозен човек. Може да зборува „само“ 15. минути на партиска конференција на Републиканците, може на среде Минхен, пред купишта европски лидери да му аплаудира на Џеј Ди Венс, само како би успеал да го привлече вниманието на новата Администрација на Трамп, да се допадне, да се додвори и’ го растера патот за себе до новиот светски император.
И тој, како и Трамп, во својата земја има огромна поддршка, барем според последните избори лани во мај. Неговата база ги одобрува неговите потези, па, сега, ете ни го Мицкоски и со здравјте да си го носиме. А зошто мислам дека греши трчајќи и’ додворувајќи се на Трамповата администрација, одговорот ќе го понудам подолу, бидејќи при крај сме со (описни) карактери.
Северна Македонија не е Америка, притоа, таа денешна Америка е светлосни години далеку од нас, а богами и ние сме светслосни години далеку од Америка, за жал по нас. Трамп го пушти семето на раздор на нови конфликти низ целиот свет. А посебно е пуштено семето на раздор на овие наши Балкански краеви. Сега ќе ви кажам и на што конкретно мислам.
Националистичките проекти не се до крај поразени на Балканот, дури би рекол дека се зајакнати во посебни табори. На пример во Босна и Херцеговина од типот на еден од двата ентитети – притоа не мислам на сите Срби, туку мислам на дел од националистичкиот корпус кој се нарекува Република Српска, а има и „мини трзавици“ во Црна Гора кои може да предизвикаат и пожари.
А таа одредена координација ја има во идеолошкиот предзнак што се нарекува антихрватски, антисрпски, антицрногорски, антибошњачки и антимакедонски, така што ова не е нешто кое треба да се занемари.
Притоа, не мислам дека Мицкоски и сите тие десничари низ Балканот имаат апсолутна милост кај Трамп, затоа што немаат. Уште утре може да испаднат од секоја комбинација, да добијат нога во задникот, односно да го слушнат она легендарно „You’re fired“.
Ама од страна на македонската надворешна политика, и од аспект на македонската безбедносна политика треба особено внимателно да се набљудува, без разлика колку да ни се чини нам далечно, затоа што овие вриења на Блискиот исток може да биде страшно опасно за нас, па никој не треба да го потцени незамисливото сценарио кое беше далечно уште до вчера, ако ме разбирате што сакам да кажам.
Мицкоски треба да внимава пред се’ на луѓето кои живеат во оваа земја. Не е се’ пи-ар во политиката. Работите со Трамп стануваат страшно опасни. Ако не ми верувате, или попат сте се изгубиле во моите предупредувања, прочитајте го уште еднаш овој текст.
И берете умот. Затоа што многу лесно може да биде доцна за се’.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...