Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, коментирајќи ја вчерашната седница за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност, кажа дека и ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека незаконски поставиле директор.
Филипче, потсети дека во периодот на претходното владеење, ВМРО-ДПМНЕ вршело политизација на безбедносните служби, но дека денес, СДСМ нема да дозволи тоа да се повтори.
„Политизација на безбедносните и партиските структури е нешто што сме го виделе во претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, но сакам јасно да му порачам на премиерот дека СДСМ нема да дозволи повторно поставување на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури“ изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ изрази очекување дека Основното јавно обвинителство ќе го разреши случајот со поставувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ и праша на каков начин, низ каква постапка Христовски претходно бил избран за асистент на Факултетот за безбедност.