23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРОМОБИЗНИС

Објавена агендата на конференцијата за е-трговија

На само неколку недели до претстојната Конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 12 ноември во големата сала на Националната опера и балет во Скопје, настанот ветува ден исполнет со инспиративни говори, панел дискусии и студии на случај преку кои ќе се „отплеткуваат“ можностите што ги нуди е-трговијата. Учесниците ќе имаат уникатна можност да го слушнат искуството на интернационалните и домашните индустриски експерти кои го искористуваат потенцијалот во различни аспекти во областа на е-трговијата.

На конференцијата ќе се истражува како компаниите можат да ги адаптираат своите стратегии за да откријат нов бизнис потенцијал, преку подобрување на логистиката, оптимизирање на плаќањата, надградба на маркетинг стратегиите и проширување на пазарите.

Конференцијата со свое воведнo обраќањe ќе ја отвори претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков која ќе ги презентира клучните сознанија од Извештајот за е-трговија во Западен Балкан за 2024 година. Овој извештај ќе ги потенцира достигнувањата во регионот, нагласувајќи ги и успесите, но и областите кои сѐ уште треба да се развиваат, особено во меѓуграничната трговија.

Конференцијата потоа продолжува со првата сесија наречена „Потреба за брзина“ која е фокусирана на логистиката во е-трговијата, односно ќе го истражува значењето на брзата и сигурна испорака, со учество на експерти од индустријата како Бојан Доленц, кој работи Бизнис развој во компанијата ZEOS Fullfilment на германскиот гигант за е-трговија – Zalando, Младен Јездиќ, Раководител на синџирот на снабдување во Ананас Србија и други. Говорниците ќе разговараат за трендовите во доставата во е-трговија, но и за критичната улога во брзината и квалитетот на испораките за подобрување на корисничкото искуство.

Друг значаен дел од настанот ќе биде сесијата посветена на новите решенија за плаќање во е-трговијата. Со презентација од Бобан Љубиноски, продукт менаџер во Klarna, ќе се дискутира за тоа како бизнисите можат да се прилагодат на новите потреби на потрошувачите за побрзи и побезбедни процеси на наплата. Експерти од Visa, CaSys и НЛБ Групацијата ќе зборуваат за иднината на дигиталните плаќања и иновациите кои го надминуваат традиционалното готовинско плаќање.

Во попладневниот дел, конференцијата ќе продолжи со сесијата посветена на меѓуграничната е-трговија, каде што ќе се презентира посебна студија на случај предводена од Игор Мишкиќ, Раководител за Западен Балкан во GymBeam и панел дискусија за можностите за продажба преку границите во регионот. Како што е-трговците во Западен Балкан се стремат да се пробиваат на глобалната сцена, надминувањето на бариерите како што се процесирањето на плаќањата и логистиката ќе биде клучно.

Агендата ќе се насочи и кон маркетинг стратегиите, вештачката интелегенција и податоците, со воведно излагање на Селесте Фејзо, AI Тренер за податоци во OpenAI, компанијата креатор на ChatGPT, која ќе зборува за моќта на вештачката интелигенција во креирањето на попаметни и поефективни маркетинг кампањи во е-трговијата. Дополнително, регионални експерти за маркетинг ќе ги анализираат најновите трендови, нагласувајќи ја потребата бизнисите да користат канали и надвор од рамките на социјалните медиуми со цел градење на уште подобри релации со клиентите и зголемување на продажби.

За потсетување, оваа година конференцијата по трет пат ги отвора вратите за регионалната публика. Очекувано е присуство на повеќе од 700 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори на компании, менаџери и владини и невладини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Романија, Бугарија и Хрватска, што ја прави конференцијата уникатна и единствена во регионот во своето седмо издание, кое овозможува неверојатно вмрежување и можност за потенцијални соработки и партнерства низ регионот.

Конференцијата е поддржана од Visa како платинум партнерот, организацискиот партнер GIZ, дигиталниот партнер А1 Македонија, како и златните партнери – Ананас, CaSys и НЛБ Банка, сребрените партнери – Халк Банка, Корпа, Филип Морис Интернационал, Комерцијална Банка, ИУТЕ, Сава Пензиско, Fashion Group и Cubes.rs.

Конференцијата се очекува во секое време да ги исполни целосно капацитетите и да биде целосно распродадена што говори за огромниот интерес кој се појавува за неа. Минатата година конференцијата се одржа во своето најголемо регионално издание, со целосно нов концепт и нова локација, и истата беше домаќин на повеќе од 600 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции од земјата и од регионот, а свои презентации имаа 30 говорници од 10 земји.
Повеќе информации поврзани со агендата и сите останати детали поврзани со конференцијата, вклучувајќи ги и картите кои се пуштени во продажба, се достапни на официјалната веб страница на конференцијата: https://ecommerceconference.mk/