23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претседателката Сиљановска Давкова го прими финскиот амбасадор, Никлас Линдквист

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Финска, Никлас Линдквист.

На средбата беше истакнато дека двете земји во изминативе 30 години изградија силни партнерски односи и одржуваат активен политички дијалог, промовирајќи заеднички цели и стратешки интереси за траен мир, стабилност и просперитет во регионот и пошироко.

Претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за доследната и принципиелна поддршка на Финска на македонските евроинтеграции и помошта во исполнување на европските критериуми, како и за успешната соработка преку твининг проектите.

На средбата со амбасадорот Линдквист, претседателката го реафирмираше ставот дека државните институции остануваат целосно посветени на неопходните реформи за членство во Европската Унија, во согласност со критериумите од Копенхаген и ја потенцираше потребата од дебилатерализација на процесот со цел да се превенираат идни можни злоупотреби на билатералните спорови на патот на земјите-кандидати кон ЕУ.

Во однос на меѓународната соработка претседателката истакна дека членството на Финска во НАТО претставува значаен чекор кон зајакнување на трансатлантската стабилност и безбедност за сите сојузници и воедно упати честитки за претстојното финско претседавање со ОБСЕ, изразувајќи подготвеност за споделување на македонското искуство како дел од ОБСЕ – тројката. Во таа насока беше реафирмирана подготвеноста за продолжување на соработката во рамки на ОН и изразено очекување за поддршка на македонските кандидатури во меѓународните организации.

Соговорниците разменија мислења и за можностите за поттикнување на економската соработката, како и соработката во областа на образованието, иновациите и дигитализацијата.