„ВМРО ДПМНЕ ветија дека ќе ги зголемат платите, но престанаа со зголемувањето и сметам дека немаат искрен и фер пристап кон работниците“ порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во вечерашното интервју во „Тема на денот“, на телевизија Сител. Филипче потенцираше дека премиерот Мицкоски и Владата наследија средена држава, со надминати кризи и намалена инфлација, што требаше да биде предуслов за понатамошно зголемување на платите.
Во интервјуто, Филипче посочи дека и последното минимално покачување на платите на просветните работници од 5%, е под притисок на СДСМ и на јавноста.
„Требаше да биде 12%, согласно нашиот план и колективните договори. Кога ние нудевме 10% зголемување на платите, министерката Јаневска повикуваше на штрајк и бараше Владата да ги зголеми платите за 18%, што значи има едни двојни стандарди и има лицемерие“, рече Филипче и додаде дека сличен е и односот на министерката за финансии, која изјави дека не треба да се зголемат платите на здравствените работници односно на лекарите бидејќи доволно им биле зголемени во изминатиот период.
Филипче порача дека Владата мора да го продолжи континуитетот на раст на платите за сите работници, како што тоа го правеше Владата на СДСМ кога и во услови на најголеми кризи платите растеа.
„Сега за прв пат после седум година просечната плата е намалена за 1.000 денари. Ние просечната плата во најголемите кризи скоро ја дуплиравме, и тоа во голема инфлација, во кризи како ковид кризата и економската и енергетската криза. Најавуваат некакво зголемување вкупно за 46% во образованието за четири години, а СДСМ во најголемите кризи платите во тој сектор ги зголеми за над 50%. Сметам дека зголемувањата на платите како тргнала Владата ќе ги прави само во пресрет на некои изборни циклуси и со тоа ќе ги држи сите работници како заложници. Тоа не е фер и искрен пристап кон работниците, не може ние да бидеме рај на евтина работна сила како што тоа бевме во време на ВМРО ДПМНЕ“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.