28. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама, преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја затскријат вистинската намера., а вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската Унија, порача денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој претходно откри дека амбасадорите на земјите членки на ЕУ донеле одлука да го раздвојат патот на Албанија и Македонија кон членство во ЕУ.

„Со оваа одлука станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување во втората фаза на преговорите со ЕУ и отворање на првиот кластер. Раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Но пред се, ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“ истакна Филипче.

Со ваквиот однос, додаде тој, за првпат откако државата го започна патот кон ЕУ, актуелната влада предводена од Мицкоски самата себе се блокира.

„Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите не плаши со идни блокади. Овој апсурд не е виден никогаш во политичката историја. Но она што е видено и се повторува е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тогаш, од лидери во ЕУ интеграциите паднавме на последно место. Сега повторно Влада на ВМРО-ДПМНЕ сака од последно место конечно да се откажеме од планот за евроинтеграции“ кажа Филипче.

Осврнувајќи се на работата на Владата, Филипче истакна дека ова е влада без чувство за одговорност, лидерство и грижа за граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија. Ова е Влада која во 100 дена само се жали, бара оправдувања и внесува параноја во општеството. Наместо за надеж се говори за дестабилизации, наместо за решенија се отвараат нови проблеми, наместо за мир и градење мостови, се создаваат нови надворешни и внатрешни непријатели. Ова се политиките на ВМРО-ДПМНЕ со кои сакаат граѓаните да ги направат гневни, раскарани и откажани од подобар живот“ порача лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција.