23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН

Министрите за економија на Западен Балкан се собраа во рамките на Берлинскиот процес: фокус на регионалната економска интеграција

Министрите за економија се собраа во Берлин за да одбележат десет години од Берлинскиот процес и да ја постават идната агенда. Даниела Гацевиќ, вршител на должноста директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, присуствуваше на конференцијата организирана од сојузниот министер за економски прашања и климатска акција, Роберт Хабек.

Конференцијата, која ги собра министрите, бизнис-лидерите и меѓународните експерти, се фокусира на оценување на напредокот кон создавање заеднички регионален пазар (ЗРП). Економските можности на регионот во неговото приближување кон интеграција во ЕУ беа во центарот на дискусиите заедно со десет важни ЦЕФТА-договори за олеснување на трговијата, кои се во процес на усвојување.

Гацевиќ го истакна значењето на овие одлуки за постигнување целосна слобода на движење стоки и услуги: „Усвојувањето на овие договори ќе биде важен чекор кон создавање заеднички регионален пазар во согласност со ЕУ. Секој од нив е пакет-придобивки за бизнисите и потрошувачите, кој не само што ќе нè приближи едни кон други туку и кон ЕУ. Затоа е од клучно значење што побргу да ги усвоиме“.

Договорите под ЦЕФТА го усвојуваат заедничкиот комитет во форма на одлуки, дополнителни протоколи или препораки. Во моментот десет вакви договори се чека да бидат усвоени во разни области: електронска трговија, услуги за испорака на пакети, спречување неоправдано геоблокирање, професионални квалификации, интелектуална сопственост, управување со ризици, услуги на патнички агенции, автомобилско осигурување, признавање авторизирани економски оператори и решавање трговски спорови.

Резултатите од конференцијата го потенцираат сè поголемото значење на Западен Балкан на европската економска сцена. Напредокот кон ЗРП отвора врата кон единствениот пазар на ЕУ користејќи ги можностите обезбедени од планот за раст на ЕУ.

Пред конференцијата, форумот за бизнис ги собра германските и западнобалканските компании за B2B-настан насочен кон поттикнување заеднички синџири на снабдување и промовирање инвестициски можности во регионот./Извор:Makfax