25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Корисен штеточинец

Последниве три дена ги слушам и читам речиси сите бесмислености на власта на релација Скопје – Софија; лудачки „подјебавања“ од двете страни, суетење (а знаете какви се приказните со суетите: „мојот е поголем од твојот“?); и наеднаш, да се чуди човек (и самиот понекогаш се изненадувам од себе?), почнав да набројувам работи кои навистина ми се драги и работи кои мене ми се важни, затоа што знаев дека ќе играат политика на она кое најдобро го знаат: омраза кон другите.

Турско кафе без шеќер, црвено вино, кравјо и овчко сирење, пршута, парче леб натопен со масилново масло, зелени пивски sидарски флаши, а богами и овие новите, „фенси“ флаши; потоа го посакав моето старо чувство на претерување, лутото лаење на смешните кучиња, потребата да ги гушнеш колку се тупави и смотани, сеансите кои ми минуваат во часови-и-часови на читање, моментот кога ги оставаш сите и’ ги разочаруваш, крцкавото пилешко кожинче, кајгана со млад лук, лути пиперчиња, ајвар без патлиџани, риба без коски, гравче на тавче, еден на еден во баскет…

Понатаму, читање на било кое дело на Селинџер одново-и-одново; чувството на грев, чувството на ризик, чувството дека повторно си жив, жив, жив; бициклирање додека те дува ветар, а во ушите ти свири брилијантиот реферн „Whole lotta love“; сини утра на море, нивната снага и бистрина… Боже, си велам, дали јас тоа влегувам во климактериум или едноставно барам смисла поради бесмислената политичка понуда во земјава?

Oчигледно е дека во оваа земја има „двајца актери“ кои одлучуваат за сите нас. Едниот е Александар Николовски, а другиот е Христијан Мицкоски. Едниот, овој последниот, се обидува да „жонглира со топки“ по примерот на српскиот Вучиќ, а оној првиот, охриѓанецот, задолжен е за внатрешна и надворешна политика. Охриѓанецот е како „гупа во аквариум“, задолжен за бистрење на „нечистата вода“ во нашите меѓучовечки и меѓудржавни односи.

И, како ги извршува(ат) овие работи?

Кавагаџиски, ете како, а тоа ни го претставува(ат) како врвен национален интерес. Демек се работело за одржување на „националната кичма“, само што тоа го работат така бесмислено и неважно, така што или на човека му се гади или добива напад на глад од нивната очајно „подржавена работа“.

Што ова зборува за нас и моментумот во кој се наоѓаме и живееме? Дека уште не почнати, влегуваат во онаа фаза во која секоја глупавост и безобразие може многу лесно и едноставно да се сврти против нив, додуша парадоксално, без разлика што се така масовно изгласани, и без разлика на нивниот партиски рејтинг.

Овие двајца – политички (и)релевантни – своите рејтинзи ги градат на апсолутно политичкo, интелектуалнo и моралнo пердашење на конкретни луѓе. Наместо тој беден квалитет од луѓе што ги опкружува (за волја на вистината сами си го бираа и создаваа, сигурно јас не сум им го наметнал!) денес не верувам дека им носи штета. Ами напротив.

Еве еден пример. Ако се најде некој, било во земјава, било надвор од неа, тие двајца ќе го дефамираат секој еден што оди „контра струјата“, ќе го наречат бараба, посебно ако некој навистина „претера во своето претерување“, а потоа масата – тоа гласачко тело кое за ништо не се прашува и е тука е само да ги гласа – ќе рече: ете, Мицкоски и Николоски се изборија против тој неранимајко, не спасија од таа бараба која „претера во своето претерување“.

Кругот е затворен, „барабата“ е пуштена низ вода, а Николовски и Мицкоски бриљираат на врвот. Многу едноставно за одржување, бесрамно и демагошки и – совршено ефикасно.

Се’ додека не се расипе таквиот наратив, што порано или подоцна нужно ќе се расипе, па ќе најдеме „ново дете“ за да му расплачеме мајче. Проверено милион пати. Прашајте го Груевски ако мене не ми верувате, сигурно безгрижно и слободно се шетка покрај некој парк во Будимпешта.

Гледајќи го Николовски од овој, мој агол, неспорно, тој човек за Мицкоски претставува „корисна штеточина“. Да, терминот е скоцкан според општо познатото и прастаро „дрвено тенеќе“, ама само на прва топка.

Работата во суштина функционира вака: ангажманот на Николовски е да ги дере сите оние кои не смее да ги дере вховниот владетел, а тоа значи дека Николовски претставува нешто кое се конвертира од минус во плус за Врховниот; потоа, овој, ќе го почешка по главата и ќе му го продолжи „на отворено“ ангажманот во Рајот (читај, клиентелистичко подржавено поило!). А оние пак кои навиваат за Николовски во нивната партија, ќе останат во ангажман како дел од „системот“. И порано или подоцна и тие ќе бидат наградени за тоа.

Што, не ми верувате? Еве, замислете ја следната ситуација. Замислете дека „Александар Николовски“ како метафора е нормален, скромен, чесен и стручен раководител на една фирма која е во јавна сопственост. Убаво би било тоа и’ за „јавниот интерес“, збор да нема, ама има ли тука нешто за газдата? Суштински, нема. Многу му е покорисна негативната фама за некој човек што „алхемиски“ ќе може да ја претвори во сопствена корист, така што овој ќе ги бербати сите до кои ќе се дофати и ќе ги претвори во катран и перје.

Па, добро, море, црни Ненаде, што всушност ти сакаш? Што сакаш да направи Мицкоски, да го послуша бугаринот Борисов и го смени Николовски? И ако го смени, ти повторно ќе се дереш до небо! Баш така, повторно ќе се дерам. И тоа е еден конститутивен дел од оваа „еднозначност“ која се обидувам да ја опишам.

Таа еднозначност, драги мои, сетирана е така што критичарите на Врховниот (кои, реално, засега се реткост!) нужно се прикажат во јавност како некои кои им завидуваат, кои им љубоморат, оние кои нив ги мразат, така што таквите нужно ќе бидат таргетирани како најобични лузери кои не знаат што сакаат.

Таква слика, исто така, е дел од играта; а вистинските неволји за Врховниот почнуваат дури тогаш кога оние кои таквата игра ја прифаќаат не се повеќе мнозинство. И мислам дека Мицкоски има уште многу „Николовци“ да потроши додека стигне до тамо.

Прашајте го Груевски ако мене не ми верувате. Сигурно се шетка некаде безгрижно и сам низ Будимпешта. Без мнозинство, без слуги и (оп)служители.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.