22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Горди тие, а навредени и понижени ние

Го слушнав премиерот Мицкоски на некој подкаст со име „Претрес“, кратко, бидејќи немам време – и нерви – да гледам цели емисии (читам книги во меѓувреме, оние со цели реченици и без слики од (у)натре); јас слушнав изјавата и на претседателката на „нашата земја“, Силјановска, откако, нели, се виде со претседателот на Бугарија, Радев.

И, какви ми се впечатоците?

Ниту Мицкоски, ниту македонската „Меги Тачер“ во оваа земја се портири, консиержи или аѓутанти, уште помалку се туристи или приватни лица! – овие луѓе имаат премиерски и претседателски овластувања, што значи нивните лични идентитети се јавни и општи, и време е да се однесуваат достоинствено и неисклучиво. Време е да престанат да не’ третираат како глупаци, бидејќи ние тоа не сме.

Господе Боже, во што животите ни минуваат? Триесет години во исти, досадни и глупави приказни. Македонците не постојат, немаат свој јазик, а ако имаат, тоа е дијалект на бугарскиот, а земјата била дел од „Бугарската царштина“ на „Тодор Живков“?

Овие нашите, самонаречени патриоти, заради „импeријалните претензии“ на бугарите -директно од малиот мозок – ги нарекуваа „фашисти“, „две чер’вени“ и слични будалштини кои стануваа(т) неверојатно идиотски. И до злабога досадни. Се сеќавате што за Бугарите зборуваа додека беа во опозиција? Знам, бев „тамо“, лично сведочев. Глупаво и без стил ментално повраќаа, фрлаа памперси на дебатерски пултови, клеветеа, се изживуваа…

Така е тоа кога на десничари ќе им дадеш јавна дебата, и така ти е тоа кога уште ќе им дадеш да водат внатрешна и надворешна политика. Какви се овие наши десничари, такви се и оние бугарските. Исто лице и наличје на една иста банкнота. Едните се хранат со другите, и обратно.

Ако не постојат Бугари, ние не знаеме што сме; ако не постојат Македонци, Бугарите не знаат што се. Национализмите се хранат едни со други. Секогаш во оној другиот се препознаваат себе, како што другите се мобилизираат и конституираат наспроти своите идеолошки и „симболички“ (не)пријатели.

Очигледно беше дека претседателот Радев ќе забива пенал, не се глупави, гледаа кој ги напаѓа и како изминативе години, не беа слепи и глуви. Мицкоски, пак, од друга страна, на власт дојде и’ на бранот на пропагандата насочена против бугарите.

Фамозното „НЕ!“ за бугари во Устав на ВМРО-ДПМНЕ му донесе голем број на гласачи. Цената за таквото однесување ја видовме пред некоја ден: македонското знаме не беше дел од протоколот на претседателот Радев. Како си мислат овие нашите: ќе маваш по првите соседи, а на следната „државничка“ средба, бугарите ќе те пречекаат со македонско знаме кое шир развиорено ќе ја покрие цела Софија?

Е, малку морген! Познавате ли вие човек што јавно ве клевети и потценува, а потоа го примате дома и се правите како ништо да не се случило? Такво нешто нема, посебно нема кога се работи за односите помеѓу две држави.

Притоа, и едните и другите последниве неколку години ги зборуваа најглупавите приказни едни против други и кои, веројатно, беа наменети за најглупавата публика; и сите како да бевме опседнати со гледање и слушање на жанрот „најглупави скечови во историјата“.

Претседателката Силјановска оди да ја претставува Македонија, ама без македонско знаме. Зошто така?, сигурно се прашувате.

Еве зошто: Силјановска не знае што еден претседател треба да прави, како што никој не знае која е улогата на луѓето кои ја опкружуваат претседателската. Ваков срам за нашата државност одамна е незапаметена. Ваква дискредитација исто така.

Зошто додека беше Заев премиер, чисто реторички прашувам, Бугарите го развиорија македонското знаме заедно до бугарското насреде Софија? Не мора да се мачите. Ќе се обидам уште еднаш да одговорам.

Затоа што Социјалдемократијата е навистина европска, модерна и не е крволочна кон соседите. Поради тоа плаќа и’ голема цена, ама тоа е некоја друга тема за некоја друга прилика. Во секоја случај, социјалдемократите се на вистинската страна од историјата, само треба да издржат доволно долго, бидат силни и храбри.

А сега да одиме со другиот настан, збор, свет, идеја.

Христијан Мицкоски, актуелниот премиер на Северна Македонија, на подкастот „Претрес“, за таканаречените „уставобранители“, вели: „Никогаш не сум рекол дека ќе излезат од затвор, ама ве уверувам дека ќе ја добијат правдата“.

Страшна е бесчувствителноста на премиерот за настанот од 27-ми април. Не е страшна, поточно монструзона е и најблаго речено е нечовечна.

Ги нахушкаа луѓето, ги инструментализираа да влезат внатре во Собрание за да прават бељи и тепаат. За малку ќе го убиеја и Заев.

Тоа беше ноќтта на ужасот.

Тој настан никогаш не смее да се заборави. Како што не смее да се заборави и тоа дека покровителот на тие кои тепаа беше онаа несреќна фигура со име Ѓорѓе Иванов, претседател на државата кој вечерта се слушнал со официјален Кремљ. И Кремљ му дава поддршка за „примерени мерки“.

А што беа тоа „примерени мерки“?

Да се воведе вонредна состојба, а со тоа и’ да се воведе терор на ниво на цела земја кон сите неистомисленици против режимот на Груевски.

Поточно – теророт институционално да се формализира.

А директивите и инструкциите ги добиваа преку телефон од црни Грујо на „домашен терен“, а овој – како и секоја бедна кукавица – се наоѓаше на аеродром во странство. Поточно во Виена.

Оваа денешна политика во Македонија е чиста порнографија.

Доволете ми еден „екскурс“. Имено, името „порнографија“ има грчки корен. Доаѓа од грчкиот збор „порни“, што значи проститутка, и „graphien“, што значи „да се (о)пишува“. На прва топка, зборчето порнографија го означувала прво графичкиот приказ или текстот за животот на проституката.

Во меѓувреме, човештвото разбра дека структурата на проституција е универзална, дека не е родно предодредена и дека опстојува во коренот на секоја политички дефамација.

Ако добро приметувате, на овој свет има само неколку приказни – сите останати се варијации. Да се зборува, значи да се повторува. Некои од таквите изборни приказни, поточно зборови-приказни, изникнаа во Грција.

„НЕ!“ за Бугарите во Уставот е приказна која е варијација на онаа за „Термопилите“. Храбрите бранители (тамо Грците, тука „храбрите Македонци“) кои имаат побројна војска од моќното царство (тамо Перзија, онаму Бугарите), фигурата на предавник или демон (тамо Epfialtes, овде јас, мојата маленкост, Заев (?), Венко Филипче?)…

Сето овдешно верглање, врескање, вклучувајќи го и овдешноиот magnum opus на „зборување во името на народот од една глава“ е приказна која е задоцнета едно два-три милениуми; ова денес е ретардирана варијација на Хомер.

Локалната варијација на Хомер си го направи своето. Сега ја чекаме локалната варијација на Платон. Пеењето е тука, а ако даде Бог и среќа јуначка, ќе дојде и мислењето. Еден ден, здравје.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.