Светските цени на храната благо паднаа во август во споредба со јули, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Светскиот индекс на цените на храната за август изнесува 120,7 поени, што е нешто помалку од 121 во јули, соопшти ФАО. Ова резултира со пад на индексот на цените на месото, шеќерот и житото, а во исто време е забележан и раст на растителните масла и млечните производи. Вредноста на индексот на цените на месото во август изнесува 119,5 поени, што е 0,7 отсто помалку од јули, а пад е забележан и кај живината, свинското и овчото месо.
Како што е наведено, индексот на цените на шеќерот падна 4,7 отсто, на 113,9 поени во август, пред сѐ, поради подобрувањето на производствените изгледи за сезоната 2024/2025 на Тајланд и во Индија по врнежите што се значајни за културите на шеќерна трска. Вредноста на индексот на цените на житото беше на ниво од 110,1 поен, 0,5 отсто помалку од јули, откако неколку месеци по ред цените на пченицата паѓаат поради слабата побарувачка и силната конкуренција меѓу извозниците.
Растителните масла поскапеа и индексот на цените на овие производи месечно се зголеми 0,8 отсто, на 136 поени, особено поради повисоките цени на палминото масло, кои растат веќе три месеци по ред. Најмногу поскапува просечната цена на млечните производи, 2,2 отсто месечно, на 130,6 поени. Во август е забележан значителен пораст на цените на путерот, како и на обезмасленото млеко, сирењето и другите производи./Извор:Makfax