Русија ќе одговори на одлуката на Финска да дозволи пристап на САД до нејзините воени бази, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
На 1 јули, финскиот парламент едногласно го одобри Договорот за одбранбена соработка со Соединетите држави, кој беше потпишан во декември 2023 година.
Договорот наведува 15 објекти и области во Финска до кои американската војска ќе има неограничен пристап и каде што може да складира и воена опрема и муниција.
„Можам само да потврдам дека Русија нема да пропушти да одговори на трупањето сили на НАТО на нашата граница, што претставува закана за безбедноста на Руската Федерација“, изјави заменик-портпаролот на Министерството, Андреј Настасин.
„Ќе ги преземеме и сите неопходни мерки, вклучително и мерки од воено-техничка природа, со цел да возвратиме на агресивните одлуки на Финска и нејзините сојузници во НАТО“, додаде тој.
Финска стана членка на НАТО минатата година./Извор:Makfax