23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Принципите на заедништво, взаемна почит и отворена комуникација ќе го красат СДСМ

Изборот за претседател на СДСМ и победата на вантрепартиските избори за мене претставува огромна одговорност кон членовите, кон сите граѓани и кон нашата држава.

Ова го истакна д-р Венко Филипче во својот говор по објавувањето на резултатите од претседателската трка во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во која тој беше прогласен за победник.

„Вечерва во СДСМ победи професионализмот, емпатијата, грижата за луѓето како мои основни вредности по кои ќе работи и функционира СДСМ. Моја цел е да ги ‘вбризгам’ во СДСМ принципите кои ме водат во мојот личен и професионален живот. Принципите на заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација се оние кои ќе ја одликуваат СДСМ под моето раководство“, рече Филипче во своето обраќање пред поддржувачите во партиското седиште.

Филипче потенцираше дека сега следува период на реформа и реорганизација во партијата, што беше дел и од неговите предизборни програмски ветувања. Тој вели дека е сведен дека овој процес нема да биде лесен, но е уверен дека со напорна работа и темелни промени ќе се врати довербата на членовите во раководството и во партијата.

„Промените не можеме ниту да ги лажираме ниту да бидат половични. Граѓаните и нашите членови тоа ќе го препознаат и нема да ја вратат довербата. Промените мора да бидат вистински, искрени и пред сè истрајни, за да може полека но сигурно да ги освојуваме срцата на граѓаните. Ако успееме во ова, силно верувам дека СДСМ ќе се врати уште посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок“, рече Филипче.

Зајакнувањето на партијата може да оди единствено преку заедништво и соработка во кои личните интереси на поединци ќе бидат оставени настрана.

„Како претседател ветувам дека нема да делам туку ќе обединувам. Ветувам дека ќе водам со пример и тоа ќе го барам од секој во партијата. Ветувам дека силно ќе се спротивставам на оние кои сакаат да ја ослабнат партијата на сметка на личниот интерес. Ветувам дека ќе го заштитам и слушнам секој член и на секому ќе му дадам глас. Ветувам дека СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија подготвена за предизвиците кои следат“, потенцира Филипче.

Филипче во своето обраќање истакна дека СДСМ ќе биде силна опозиција и коректив на власта и гласот на народот секогаш кога неговата волја ќе биде погазена.

„СДСМ секогаш ја одбирала страната на напредокот, на демократијата, на државноста и европските вредности и затоа мора да продолжиме да чекориме по тој пат. Мора да се бориме граѓаните тоа да го препознаат во нас, бидејќи тоа ќе значи победа за СДСМ“, изјави Филипче.

Филипче се заблагодари за довербата од членството и упати честитки и до своите сопартијци противкандидати и до изборната комисија за спроведени демократски избори и конкурентната борба. СДСМ демонстрираше дека има демократски капацитет, кој како иден претседател ќе го негувам и унапредувам, потенцира Филипче.