23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Ќе ја отвориме работата на комисиите – политиките ќе се градат врз основа на широка стручна дебата

Венко Филипче, кандидат за претседател на СДСМ, вчера во Куманово пред партиското членство ги образложи главните постулати на неговата програма.

Засилена комуникација со членството, формирање на нови тела и органи на партијата на отворен и транспарентен начин и менување на начинот на избор на претседатели на општинските организации и кандидати за градоначалници преку воведување на подемократски и потранспарентен внатрепартиски процес. Ова се главните столбови на кои се потпира визијата на Филипче за „Нов СДСМ за нови победи“.

„Целокупното раководство на партијата да биде отворено за секого 24 часа. Едноставно, да се слушаме, да разменуваме мислења и идеи коишто ќе дојдат од сите со цел да се градат политиките. Никој никогаш повеќе во партијата да не наиде на затворена врата за ниту една работа. Имавме многу поплаки во изминатиот период. Заеме со што се соочувавме и мислам дека тоа е нешто што треба да биде главен приоритет во периодот којшто доаѓа“, истакна Филипче.

Како втор постулат, Филипче претстави зошто на СДСМ му е потребно освежување на партиската инфраструктура и кои се новите тела и органи кои ќе функционираат во насока на потребите на членството преку постојаната комуникација за подобро градење на политиките и стратегиите во партијата.

„Треба да има едно ново тело, нов совет за градење на политики и на стратегии. Сметам дека во тој совет треба да учествуваат наши искусни политичари коишто на дневна основа ќе ја анализираат политиката и врз основа на тие секојдневни настани и случувања ние ќе ја градиме и секогаш ќе ја надградуваме нашата политика и стратегија. Треба да излеземе во пресрет на сите добронамерни сугестии и понатаму преку отворањето на работата на комисиите, коишто ќе ги приближиме на стручната фела, да има стручна дебата и да се слушне и нивниот глас“, рече Филипче.

СДСМ има искуство и знаење и нејзиниот потенцијал мора повторно да се обедини за да победува, потенцираше Филипче. Обединети победуваме во минатото, обединети и сега можеме повторно да докажеме дека социјалдемократската идеологија е поважна од кога било и дека прогресивните идеи се потребни во време кога национализмот зазема се поголем замав во светски рамки, смета Филипче.

Презентирањето на програмата на Филипче беше во рамки на заедничкото претставување на кандидатите за претседател на СДСМ во Куманово. Покрај тоа, Филипче имаше средба со партиското членство и дискусија за неговата програма и во скопската општина Гази Баба.

Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ се закажани за 30 јуни.