„Прекршувањето на секој меѓународен договор е кршење на меѓународното право, што природно создава проблеми и во билатералните односи и во меѓународната заедница. Во такво нестабилно опкружување, со две војни кои се водат, една во северна Европа и една на Блискиот Исток, не е мудро политичките лидери повторно да ги отвораат прашањата што се решени само поради ситни политички цели“, вели во изјава за „Фронтлајн“, Спирос Сидерис – грчки новинар и политички аналитичар, зборувајќи за (не)почитувањето и „спротивставувањето“ на Договорот од Преспа во Скопје.
– Балканот, најсиромашниот регион во Европа, веќе има сериозни проблеми и со тензиите меѓу Србија и Косово и со ситуацијата во Босна и Херцеговина. Нова точка на тензија само би предизвикала поголема несигурност и страв кај граѓаните. Граѓаните се уште не ги надминале последиците и од пандемијата на Ковид-19 и од војната во Украина. Поради оваа причина, лидерите на земјите треба да се фокусираат на граѓанинот, а не на минатите и спорните тврдења. Прекршувањето на Договорот од Преспа ќе создаде значителни проблеми, повеќе за прашања од секојдневниот живот на граѓаните и европскиот пат на Северна Македонија, наместо тензија меѓу Атина и Скопје, изјави Сидерис за „Фронтлајн“.
Нашиот соговорник верува и се надева дека ќе надвладее логиката и реализмот.
– Договорот од Преспа не може да се укине, ниту да се менува. Секој што нема да го прифати ова може само да им направи проблеми на политичарите и граѓаните кои им ја положија својата доверба, нагласи тој.
Поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас во заедничката колумна за „Еуроактив“ ја повикуваат Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација.
Кршењето на договорот од Преспа, пишуваат Заев и Ципрас, дополнително ќе го дестабилизира регионот и ќе доведе до егзистенцијален предизвик не само за европската иднина на земјава, туку и за нејзината иднина како целина.
– Во исто време, доколку Договорот се почитува целосно, ЕУ мора да биде подготвена да го остави зад себе секој ‘пристап како вообичаено’ што го видовме во изминатите шест години и да усвои проактивен, постепен пристап кон проширувањето, по сугестија на многу европски претставници и експерти. На сите земји во регионот мора да им биде јасно на дека мирното решавање на споровите има придобивки за народите на Балканот и нивните раководства. Дека жртвите се наградуваат, а не се цинично игнорирани, пишуваат Заев и Ципрас во заедничката колумна.
Порачуваат дека во време кога екстремната десница добива сила, демократските, умерените, а особено прогресивните лидери мора да работат заедно и да ги засилат напорите во спротиставување на национализмот.
Дестан Јонузи
Извор: Frontline.mk