23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Директорот на Бирото за јавна безбедност на генерално собрание на СЕПКА во Белград

Денеска (15.05.2024) директорот на Бирото за јавна безбедност, д-р Сашо Тасевски, предводеше делегација на Министерството за внатрешни работи на првото Генерално собрание во рамки на претседавањето на Република Србија со Асоцијацијата на шефови на полиција на Југоисточна Европа (СЕПКА) кое се одржа во Белград. Во делегацијата беа и дополнителниот началник на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал Ветон Кранлиевски и националниот координатор за СЕПКА Марија Анчевска.

Во рамки на Генералното собрание, директорот Тасевски имаше обраќања во областа на борбата против трговија со луѓе и криумчарење мигранти и компјутерскиот криминал.
Во првото обраќање на тема борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти директорот Тасевски се осврна на тековната состојба во регионот, новите трендови и понатамошната соработка во справувањето со овие видови криминал. Подвлекувајќи ја важноста од навремена и прецизна размена на оперативни информации, директорот Тасевски го најави и одржувањето на симулациска вежба за размена на информации во реално време за трговија со луѓе и криумчарење мигранти долж Источно-медитеранската рута планирана да се одржи во Република Северна Македонија во третото тромесечје на годинава.

Во однос на ситуацијата со компјутерскиот криминал, д-р Тасевски ја подвлече важноста од воспоставување заеднички или регионални работни групи или операции со кои значително би се олеснило спроведувањето на координирани истраги насочени кон криминалните мрежи активно во областа на компјутерскиот криминал. Од денешна перспектива, истакна тој, неопходно е сите земји членки на СЕПКА да бидат подготвени и координирани за справување и одговор на сајбер инциденти и кризи, да обезбедат можности за тестирање на механизми за одговор, канали за комуникација и рамки за соработка во симулирана средина.

Посебна тема на дискусија на ова Генерално собрание на СЕПКА беше формирањето и функционирањето на Мрежата на жени на асоцијацијата зашто, заклучија присутните директори на полициски служби, особено е важна меѓусебната поддршка и регионалниот пристап во осигурувањето на зголемено учество на жените во полицијата, но и жените на лидерски позиции.