Денеска, по повод 7 Мај Денот на македонската полиција, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, се обрати на свечена церемонија во паркот во Аеродром, во присуство на раководството на МВР, семејства на загинатите и починатите полициски службеници, претставници на Владата и на Дипломатскиот кор.
„Ми претставува особена чест што денеска од позицијата дополнителен заменик министер за внатрешни работи во Министерството за внатрешни работи заедно со вас имам можност да бидам дел од свеченото одбележување на овој убав датум 7-ми Мај , Денот на македонската полиција.
Во хронолошки контекст изминативе седум години во Министерството за внатрешни работи заедно поминавме многу фази реформи во сите сфери на полициското работење. Беше вложена убава енергија, труд, знаење, посветеност, техничко-технолошка, кадровска, структурална и организациска надградба на капацитетите на МВР.
Сево ова го направивме како во насока на континуирано следење на трендовите во полициското работење, така и во насока на максимална ефективност и ефикасност во функционирањето на сложениот безбедносен систем.
Современото демократско општество постојано е подложно на динамични, континуирани промени и прилагодувања, во обид да биде во чекор со современите текови.
Така и полициската професија секојдневно е соочена со безброј предизвици, кои се трансформираат, надградуваат, соочувајќи не со потребата од нови и креативни решенија”, рече Бојмацалиев во поздравното обраќање. Притоа, тој се осврна на изминатиот период и успесите на МВР.
„Овој убав празничен ден не е момент да држиме долги политички говори, туку да се осврнеме на клучното во полициската професија, а тоа се нашите колеги, полициските службеници кои секојдневно посветено и неуморно ги извршуваат службените задачи.
Во оваа прилика оддавам признание и им честитам на сите кои се вградија во постигнатите успеси изминативе години.
Оддавам признание и почит кон нашите колеги полициски службеници кои повеќе не се со нас, а кои ќе живеат вечно во спомените и нашата колективна меморија преку нивните херојски дела . Нека им е вечна слава!
Без сите Вас ценети колеги, не ќе можевме да ја оствариме стратешки поставената цел да создадеме модерна и европска полиција, која нуди врвна безбедност и услуги кон сите граѓани.
Впрочем, за тоа говореше и публикуваната монографија „МВР за ГРАЃАНИТЕ 2017-2021”, за севкупниот напредок на институцијата, од едно крајно затворено и заробено МВР по сите мерила, денеска Министерството е отворено за граѓаните, во топ три најтранспарентни институции”, рече Бојмацалиев.