„Воведуваме огромна промена, државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните“, објави вчеравечер на митингот со граѓаните на Општина Кисела Вода, меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, кој е дел од листата на Социјалдемократскиот сојуз и Коалицијата за европска иднина во Изборната единици 1.
Маричиќ најави дека граѓаните ќе станат акционери во енергетските компании.
„Висок процент од вкупниот број издадени акции во државните енергетски компании ќе се поделат еднакво на граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и децата, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство“, посочи Маричиќ.
Тој порача дека на претстојните избори граѓаните ќе избираат помеѓу надеж и безнадежност.
„СДСМ и Коалицијата за европска Македонија ја гледаат иднината на државата како горда и рамноправна членка на ЕУ најдоцна до 2030 година. Сега ја имаме најголемата шанса за влез во ЕУ – извесно е, предвидливо е, остварливо е. Заедно ќе успееме“, нагласи меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ во Кисела Вода.
Маричиќ потенцираше дека „Владата на СДСМ во изминатиот период ја приближи земјата до ЕУ.
„Сега нема откажување. ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски немаат план како брзо да стигнеме до членството во ЕУ. Нивниот план е да го блокираат напредокот кон ЕУ. Со тоа ќе ја уништат надежта за подобра иднина, повисоки плати, поквалитетно здравство и образование“, рече Маричиќ.
Тој потсети дека од почетокот на 2022 до оваа година, посветено спроведувавме политики и мерки кои гарантираат економска сигурност, подобрен животен стандард и солидарност. Докажавме дека грижата обезбедува поддршка, стабилност и спокојство за сите наши граѓани. Посебно внимание посветивме на социјално ранливите групи и пензионерите.
„Минималната и просечната пензија пораснаа за 50% во споредба со пензиите за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Реални се нашите предвидувања дека во новиот мандат, минималната пензија ќе изнесува најмалку 20.000 денари, а просечната ќе достигне 30.000 денари“, истакна Маричиќ и рече ја презема обврската „како што растат внуците така ќе растат и пензиите“.
Тој соопшти дека се планира воведување енергетски пакети за пензионерите во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март и зимски регрес за пензионерите, почнувајќи од декември 2024 година, во износ од 3.000 до 6.000 денари, а највисока поддршка ќе добијат пензионерите со пониски пензии.
„СДСМ има конкретна, издржана и остварлива програма грижа за сите категории граѓани и за идниот развој на државата, програма којашто ќе ја обезбеди европската иднина од која нема откажување“, порача на митингот со граѓаните на Општина Кисела Вода, меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, кој е дел од листата на Социјалдемократскиот сојуз и Коалицијата за европска иднина во Изборната единицa 1.