23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Андовски од Народната банка: Граѓаните можат бесплатно да извадат дигитален извештај од Кредитниот регистар 24/7

Аплицирање и добивање извештај од Кредитниот регистар дигитално е услуга којашто е достапна за граѓаните 24 часа, седум дена во неделата, на македонски и на албански јазик. За да ја ползуваат оваа услуга, граѓаните треба да отворат свој профил на uslugi.gov.mk . Услугата од Кредитниот регистар се добива бесплатно и преку дигиталниот канал, и со физичко поднесување барање до Архивата на Народната банка, наведува директорот на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање, Илија Андовски, во изјава за „Само прашај“, проект на Институтот за комуникациски студии.

Андовски објаснува дека извештајот од Кредитниот регистар содржи податоци за моменталната состојба на долгот на граѓаните, податоци за просечната категорија ризик определена од страна на секоја од банките каде што граѓанинот има кредити, дали некаде се јавува како гарант или жирант и исто така дали некоја банка за него има пријавено отпишано побарување. Податоците во извештајот се со последната расположлива состојба којашто ја има Народната банка. „Досега овој извештај можеше да се добие единствено преку поднесување барање лично во просториите на Народната банка. Заради поедноставување на начинот на добивање на оваа услуга, Народната банка овозможи и нов канал и тој е сега достапен преку националниот портал на услуги uslugi.gov.mk“, вели Андовски.

Кредитниот регистар претставува база на податоци во која банките и штедилниците, на редовна месечна основа, ги пријавуваат изложеностите за сите свои клиенти, правни и физички лица во Народната банка. Народната банка ги користи податоците од Кредитниот регистар за супервизорски цели за анализа на кредитниот ризик на кој се изложени банките и штедилниците. Банките и штедилниците, пак, ги користат овие податоци во процесот на определување на кредитната способност на своите нови или постојни клиенти.